Над 2200 вработувања во еден месец во јавниот сектор отвора власта на Ковачевски, во надеж дека така ќе го мотивираат своето членство и ќе го ублажат претстојниот пораз. Имено овој поткуп кој го прави Ковачевски граѓаните ќе го платат со милиони евра за плати на партиските послушници на ДУИ и СДС, се вели во партиското соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Половина од овие вработувања, односно 1117 лица се во министерството за здравство, каде скандалот да биде поголем не се бира според знаење, искуство или квалитет, туку клучен е етничката припадност. Етничкиот клуч ќе одлучува за здравјето и животите на граѓаните. 37 лица се вработуваат во МИОА, ЈПДП и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, а огласи има и во МВР и во Агенцијата за храна и ветеринарство. 500 нови вработувања се прават и во ЕСМ, каде што државната енергетска компанија која едвај одржува ликвидност ќе вработува партиски војници во пресрет на изборите. Масовни вработувања се прават и во ФЗОМ на 41 лице, МНР 15 лица, во транспорт и врски 9 нови луѓе. Очигледно е дека власта е во паника, бидејќи да се работело за природен одлив на вработени, огласи ќе имаше во текот на целата година, а не вака масовно да се прави на неколку месеци од изборите, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДС и ДУИ и оние кои спроведуваат вакво масовно обременување на администрацијата треба да се свесни дека сите овие огласи потребно е да бидат предмет на ревизија и секое прекршување и партиско вработување треба да биде најстрого санкционирано. Ваквите огласи се една од најглавните причини зошто јавната администрација е на критика на ЕУ и сите меѓународни извештаи. Македонија мора да заврши со лошите практики на владеење, затоа што никогаш не било полошо. Важно е да ги поразиме, додаваат од опозициската партија.