Владата го објави годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година кој започнува масивни инвестиции од над 5,7 милијарди евра во производство и складирање на електрична енергија.
Министерката Сања Божиновска, денеска на прес-конференција појасни дека планот вклучува реализација на 67 нови енергетски објекти за производство на електрична енергија со моќност од најмалку 1 мегават, со вкупна инсталирана моќност од 4.416,8 мегавати и проценета инвестиција од 3,735 милијарди евра. Од овие, 59 се фотоволтаични електроцентрали со моќност над 3.000 мегавати и вредност од 2,1 милијарда евра, 7 ветерни електроцентрали со 907 мегавати и 1,18 милијарда евра и една когенеративна гасна електроцентрала со 495 мегавати и 445 милиони евра, значајна за балансирање на системот.
-Овој план не е само список на желби, туку конкретен стратешки документ кој ја трансформира нашава енергетска слика и зацврстува независноста, истакна Божиновска.
Од 284 барања, одобрени се 97 компании по принцип „прв дојден, прв услужен“. Вклучени се и 56 општински проекти од Македонски Брод, Лозово, Дебарца, Кавадарци, Куманово, Брвеница и Кочани, со анализи за мрежна стабилност.