Македонија

Услужните дејности да работат во недела бара ЗКРСМ

Услужните дејности да работат во недела бара ЗКРСМ

Претставниците на занаетчиската комора ќе се сретнат со претставници на надлежните министерства и ќе ги изложат предлозите занаетчиите од услужните дејности да можат да работат и во недела, соопштија денеска надлежните ЗКРСМ. Занаетчиите уште при носење на овој закон реагираа дека не е во интерес ниту на малите, микропретпријатија, ниту пак на државата која на овој начин, според нив ја поттикнуваше сивата економија. ЗКРСМ очекува средба со надлежните институции.

– Ние не бараме да не го почитуваме законот, туку напротив ќе ги плаќаме нашите вработени, но бараме да ни дозволат да работиме. Ќе го земам пример Куманово како погранично место. Во неделите, особено сега во летниот период имаме свадби, прослави, родендени, крштевки. Огромен број сограѓани одат во соседните држави на фризер, козметичар, таму ги оставаат парите. Не работат ниту цвеќарите, не може ниту за смртни случаи да се купи цвеќе. Губитници сме сите и државата и ние како занаетчии, изјави претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлији.

Комората ќе придонесе за да се разгледа законот и да овозможи сите вршители на занаетчиска дејност и самостојните занаетчии да имаат право да работат во недела почитувајќи ги другите законски одредби. Комората ги повика институциите да ги земат предвид специфичните потреби на занаетчиите и да предложат алтернативни решенија кои ќе ги заштитат нивните интереси и ќе овозможат континуитет на нивната работа. Оттаму велат дека е потребно е да се ревидира и олесни регулативата, со цел да им се дозволи на овие занаетчии да работат и во недела, за да можат да го задржат нивниот приход и да ги задоволат потребите на клиентите.

Од комората не се задоволни ниту од субвенциите кои ги нуди Министерството за економија и велат дека паушално оданочените занаетчии не можат да аплицираат на таа мерка, бидејќи се ограничени од процедурите.

– Ние бараме соодветни субвенции кои ќе го поттикнат развојот на занаетчиството како гранка во државата, да можат да вработат луѓе, да ја поттикнат локалната економија. Верувам дека ќе имаме добра комуникација со надлежните, изјави Фазлији.

Од Комората велат дека занаетчиството е значаен дел од нашата економија и култура и надлежните, Владата, министерствата треба да се посветат посебно внимание за неговиот развој и поддршка.

To top