Македонија Средба

Унгарската поддршка во фокусот на разговорите на Трајков и Барна Пал

Двете страни разменија мислења за најдобрите практики и искуства од унгарскиот процес на пристапување кон ЕУ, при што заменик министерката Трајков ја истакна важноста на унгарската експертиза како модел за имплементирање на европските реформи во нашата земја.

Унгарската поддршка во фокусот на разговорите на Трајков и Барна Пал

За време на работната посета во Будимпешта, заменик министерката за европски прашања и заменик главен преговарач со Европската Унија Доц. д-р Викторија Трајков се сретна со унгарскиот заменик-министер за европски прашања, д-р Жигмонд Барна Пал.

Средбата беше одржана во духот на зајакнување на билатералните односи и соработката меѓу Северна Македонија и Унгарија, особено во контекст на европските интеграции.

Посебен акцент беше ставен на унгарската поддршка на земјата на нејзиниот евроинтегративен пат, која досега беше од суштинско значење.

Двете страни разменија мислења за најдобрите практики и искуства од унгарскиот процес на пристапување кон ЕУ, при што заменик министерката Трајков ја истакна важноста на унгарската експертиза како модел за имплементирање на европските реформи во нашата земја.

Д-р Барна Пал ја потврди посветеноста на Унгарија за продолжување на поддршката и предложи конкретни иницијативи за идни програми на соработка, особено во областите на владеење на правото, економскиот развој и јакнење на административните капацитети.

Средбата е резултат на силната поврзаност меѓу двете земји и ја истакнува улогата на нашата земја како активен партнер во регионалната стабилност и европската интеграција.

Доц. д-р Трајков изрази благодарност за пријателскиот и конструктивен пристап на Унгарија, оценувајќи ја оваа средба како важен чекор кон зајакнување на односите и креирање нови можности за заедничка работа во рамките на европските процеси.

To top