Како пратеник од Валандово сакам да дадам едно кратко потсетување на граѓаните, поднесениот амандман само ја покажува неспособноста за работење на опозицијата. Односно, последните седум години бевте централна власт, а веќе седум години имате и локална власт во Валандово, вели Јулија Тушевска, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната амандманска расправа на Комисијата за финансирање и буџет.
Таа појаснува дека локалната власт во Валандово е предводена од градоначалник кој доаѓа од редовите на СДС и истиот не успеал да го реализира проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води, а сега опозициската СДС поднесува амандман токму за ова.
„Имено, во финансираните проекти од Владата за оваа година и Валандово е општина која доби средства за изградба на капела на градски гробишта во износ од 18 милиони денари. Ова ја покажува посветеноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека сите општини, без разлика на која политичка определба спаѓа локалната власт, ќе добијат средства“, јасна е Тушевска.
Тушевска истовремено информира дека во наредната година ќе бидат обезбедени уште 250 милиони евра за Општина Валандово, па така и самата општина ќе биде во можност да аплицира за проектот за пречистителна станица и истиот да го добие.
„Така да, тргнувајќи од оваа година и во наредните, на сите општини им се отвораат нови можности да ги реализираат приоритетните проекти и да им се подобрат основните услови за живеење и создавање нови можности за граѓаните“, заклучува Тушевска.