Републичкиот јавен обвинител на заминување, Љупчо Коцевски, се надмина себеси и изјави дека смета дека во оваа фаза не треба да има Анкетна комисија во Собранието на Република Македонија за трагедијата во Кочани, бидејќи како што вели одредени сведоци и докази можат да се компромитираат, нешто што цел ден му е укажувано на политичкиот профитер Димитар Апасиев. Коцевски добил и официјално барање од претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши за Анкетната комисија.
-Во однос на формирањето на Анкетна комисија имав и официјално барање од претседателот Гаши и јас писмено се произнесов и она што го кажав во дел од медиумите, за мене лично сметам дека во оваа фаза не треба да има Анкетна комисија, бидејќи одредени докази и сведоци можат да се компромитираат, со оглед дека се води судска постапка. Она што беше барање од страна на претседателот на Собранието речиси ги опфаќаше истите оние прашања, што и Јавното обвинителство води постапка, од тие причини сметам дека две паралелни постапки не е целисходно да се водат во овој момент – изјави Коцевски.
На истото предупреди и пратеничката Иванка Василевска, што беше дочекано со потсмев од крајно арогантниот Апасиев, кој очебијно ужива што е претседател на Комисија, макар што со тоа и штети на правдата и разврската во Пулс.
Василевска истакна дека, како професор по право, искусна пратеничка, но пред сè како мајка, сестра и пријателка, чувствува обврска да укаже на сериозноста на ситуацијата во која претседавачот на комисијата ја доведува јавноста и се обрати директно на претседавачот Апасиев:
„Колега Апасиев, дозволете ми да ви посочам дека денешното постапување на постојаната анкетна комисија за човекови права е регулирано со Законот за постапување по поднесоци и претставки, каде во членот 10 се забранува да се постапува по претставка, каде веќе има судска постапка за истата работа, а колега Апасиев, вие како правник сте должен да го знаете ова, токму затоа вашето однесување изгледа уште посомнително“, истакна Василевска.
Василевска посочи дека според правните принципи, особено во ваков тежок предмет, и самиот сомнеж е доволна причина за изземање. Таа истакна дека болката и борбата на семејствата бараат непристрасност, а не однапред пресудени ставови за тоа кој и како ќе одговара.
„Пратеникот Апасиев со неговите изјави и ставови го изгуби кредибилитетот да ја води денешната комисија. Поради сето наведено, барам изземање на колегата Апасиев од претседавање со анкетната комисија. Правдата не смее да биде водена од оние кои однапред ја негираат“, децидна е Василевска.