Македонија Министерство за европски прашања

Трајков: Женското лидерство носи долгорочна перспектива

Заменик-министерката за европски прашања, проф. д-р Викторија Трајков, денеска учествуваше на јавна дебата на тема „Унапредување на родовата еднаквост и пристапот до правда: обврски од ЕУ пристапувањето и Истанбулската конвенција“, што се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје во организација на UN Women, по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март.

Трајков: Женското лидерство носи долгорочна перспектива

Заменик-министерката за европски прашања, проф. д-р Викторија Трајков, денеска учествуваше на јавна дебата на тема „Унапредување на родовата еднаквост и пристапот до правда: обврски од ЕУ пристапувањето и Истанбулската конвенција“, што се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје во организација на UN Women, по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март.

Настанот се организираше под глобалната тема „Права, правда, акција. За сите жени и девојки“ и претставува платформа за дијалог меѓу институциите, академската заедница, граѓанските организации и младите, со цел поврзување на законските обврски со нивната практична примена и реалното влијание врз животот на жените и девојките.

Во рамки на првиот панел „Родова еднаквост и пристап до правда во процесот на пристапување кон ЕУ: правни обврски и институционална практика“ се дискутираше за усогласувањето со европското законодавство, имплементацијата на Истанбулската конвенција и предизвиците во обезбедувањето ефективен пристап до правда.

Заменик-министерката Трајков нагласи дека доследната примена на Истанбулската конвенција претставува клучен индикатор за институционалната подготвеност на државата во процесот на европска интеграција.

,,Конвенцијата не е само меѓународна обврска, туку конкретна рамка за системска превенција, заштита и гонење на насилството врз жените. Нејзината имплементација значи функционални институции, координирани политики и систем што ја става жртвата во центарот на заштитата. Тоа е суштината на владеењето на правото,“ истакна таа.

Трајков потенцираше дека европската интеграција не се мери само преку усогласени закони, туку преку нивната ефективна примена и реалните резултати на терен. „Вистинскиот напредок се гледа тогаш кога секоја жена има сигурен пристап до правда, кога институциите реагираат навремено и без предрасуди и кога системот обезбедува долгорочна заштита и поддршка,“ додаде заменик-министерката.

„Потребно е женско лидерство – лидерство кое носи перспектива на инклузивност, емпатија и одговорност. Кога жените учествуваат во процесите на одлучување, политиките стануваат поодговорни и поодржливи. Младите жени денес треба да гледаат систем што ги охрабрува, а не ги ограничува. Треба да гледаат дека нивниот глас е вреден, дека нивната експертиза е потребна и дека нивното лидерство е признаено,“ порача Трајков.

Настанот има за цел да поттикне конструктивна размена на ставови и да придонесе кон зајакнување на институционалните механизми за заштита на женските права и унапредување на женското лидерство во процесите на донесување одлуки.

Најнови вести од Македонија

To top