Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков денеска одржа состанок со експерти од оценската мисија за борба против организираниот криминал и корупцијата, кој се спроведува со претставници на надлежните институции од Македонија и високи европски претставници.
Заменик-министерката Трајков ја истакна важноста на процесот на следење и имплементација на препораките од претходните оценски мисии, како и значењето на овој процес во контекст на европската интеграција на државата.

-Владата е силно посветена кон зајакнување на владеењето на правото, транспарентноста и борбата против корупцијата, како и кон унапредување на соработката со Европската Унија во рамки на пристапниот процес. Овој состанок претставува можност за конструктивен дијалог, размена на искуства и зајакнување на институционалната соработка со цел унапредување на владеењето на правото, порача Трајков.
Оценската мисија се реализира со учество на експерти од земјите членки на Европската Унија и претставници на Европската комисија, а нејзина цел е да се направи детална анализа на напредокот во областа на конфискација на имот, квалитетот на истрагите и судските постапки, како и справувањето со корупцијата во контекст на јавните набавки.
Во текот на мисијата се одржуваат состаноци со претставници на судската власт, обвинителството, органите за спроведување на законот, како и со институции надлежни за спречување на корупцијата, финансиска контрола, управување со конфискуван имот и јавни набавки. Посебен акцент се става на квалитетот и ефикасноста на истрагите, институционалната координација и примената на посебни истражни мерки.