Заменик министерката за европски прашања, доц. д-р Викторија Трајков, оствари средба со Ана Каспшак, вршителка на должност амбасадор на Република Полска во земјава. На средбата се дискутираше за унапредувањето на билатералните односи, поддршката на Полска за евроинтеграциите на нашата земја и проширувањето на соработката во повеќе области.
Заменик министерката Трајков ја истакна значајната поддршка на Полска во реформските процеси и нејзината подготвеност да сподели искуствата од процесот на пристапување кон Европската Унија. Полска е клучен партнер, кој ги поддржува македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Двете земји веќе уживаат стабилна економска соработка, која се одразува преку трговската размена, културната и научната соработка.
Вршителката на должност амбасадор, Ана Каспшак, ги истакна приоритетите на Варшава за време на претстојното претседавање со ЕУ, кое треба да започне од 1 јануари 2025 година. Таа нагласи дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, вклучително и за нашата држава, ќе биде еден од клучните приоритети.
Каспшак потенцираше дека двете земји имаат добра трговска соработка, а инвеститорите од Полска покажуваат интерес за „зелена“ енергија, инфраструктура и градежништво, што отвора нови можности за партнерства.