Македонија

Трајков: Потребна е поголема апсорпција на средства за клучните инфраструктурни инвестиции

Трајков: Потребна е поголема апсорпција на средства за клучните инфраструктурни инвестиции

Заменик министерката за европски прашања доцент Викторија Трајков денеска оствари средба со Орхидеја Каљошевска, експертка за европски фондови и консултантка во областа на инфраструктурните инвестиции и економскиот развој на Западен Балкан.

На средбата беше разговарано за иницијативите во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан. Фокусот беше ставен на можностите за економско зајакнување на регионот преку поддршка на инфраструктурни проекти, подобрување на транспортните и енергетските мрежи, како и зголемување на регионалната интеграција и конкурентност.

-Ги идентификувавме приоритетни области за инвестиции, што би можело да привлече дополнителни средства од меѓународни финансиски институции и да овозможи побрза интеграција на Македонија во Европската унија. Целта на ваквите средби е да се детектираат сите предизвици во насока на поголема апсорпција на средства за клучните инфраструктурни и приоритетни инвестиции. Работиме неуморно за подобар животот на граѓаните во Македонија, за создавање можности за бизнис, за зголемување и забрзување на економскиот раст на регионот, истакна Трајков, по завршувањето на средбата.

Инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан (ВБИФ) го поддржува социо – економскиот развој и пристапување во ЕУ на земјите од Западен Балкан преку обезбедување на финансии и техничка помош за стратешки инвестиции, особено во инфраструктурата, енергетската ефикасност и развој на приватниот сектор.

Инструментот Инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан е заедничка иницијатива на Европската комисија, билатерални донатори и меѓународни финансиски институции. Со оваа иницијатива е направен обид за спојување на средствата на ЕК, различните донатори и меѓународните финансиски институции (МФИ), во насока на финансирање на приоритетни инфраструктурни проекти во земјите од Западен Балкан

To top