Заменик министерката за европски прашања, доц. д-р Викторија Трајков, денес ја отвори научната конференција насловена како „Европската рута на светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и скопско“ која ја организира Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
-Ние како Министерство за европски прашања културните рути ги согледуваме како сегмент од поширока мрежа која овозможува сплотување меѓу глобалните, националните, регионалните и локалните институции со широк спектар на дејствување и економски оператори. Учеството на нашата земја во рамките на Европската културна рута на Кирил и Методиј, несомнено, ќе придонесе за значајна туристичка, културна и научна промоција на кирилометодиевското наследство кое низ богатството на форми е изразено на македонска почва, рече ЗМЕП Трајков.
-Сметам дека и во иднина ваквите значајни проекти со европски предзнак се за сѐсрдна поддршка од Министерството за европски прашања, во чие име им посакувам успешна работа на учесниците на конференцијата, а на гостите од странство откривање на кирилометодиевското културно наследство и пријатен престој во Градот Скопје, додаде Трајков.
Конференцијата е дел од програмата на културните рути на Советот на Европа.