Македонија анализа

Таневски: Заштитни клаузули за ЕУ, условувања без гаранции за Македонија

Ако ЕУ смета дека има легитимно право да воведе механизми што ќе ја заштитат од надворешни притисоци, геополитички ризици или асиметрични договори, тогаш логично се поставува прашањето зошто истиот принцип не би важел и во процесот на проширување. Особено кога станува збор за Македонија, каде што уставните измени се поврзуваат со билатерални условувања што директно навлегуваат во идентитетски и историски прашања

Таневски: Заштитни клаузули за ЕУ, условувања без гаранции за Македонија

Секогаш кога станува збор за ризици, загрозување на сувереното право или какви било други закани по европските интереси, Европската Унија инсистира на наоѓање заштитни механизми што би спречиле Унијата да се доведе до подредена улога кон кого било.
Имено, деновиве Европскиот парламент разгледува заштитни клаузули за зачувување на европскиот суверенитет и на безбедносните и економските интереси, особено во контекст на Гренланд и ревизијата на веќе потпишаните договори на ЕУ со САД и договорот Меркосур.
Она што се наметнува како дилема е зошто тогаш ЕУ се оглушува на барањата на Македонија за некакви европски заштитни клаузули или гаранции со кои би се гарантирало дека земјава нема да биде уценувана на нејзиниот европски пат со идентитетски, јазични и историски прашања доколку ги направи уставните измени, анализира Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА.

Ако има гаранции, тогаш нема пречки да се испорача она што е договорено

Позицијата на актуелната македонска влада е дека ЕУ треба да понуди некакви заштитни механизми, исто онака како што за себе си ги обезбедува кога станува збор за прашања што би можеле да ги загрозат европските интереси.
– Ставот на Владата за уставните измени останува непроменет и тие нема да се случат без јасни гаранции дека процесот на евроинтеграција нема да биде проследен со нови блокади и билатерални условувања – истакна премиерот Христијан Мицкоски за време на неодамнешното гостување во Дневникот на Македонската радио-телевизија (МРТ).
Според него, земјава е подготвена да ги почитува преземените меѓународни обврски, но, како што нагласи, истото тоа го очекува и од соседите и од Европската Унија, која треба да даде некаква гаранција.
– Ако е така, ако навистина го мислите тоа, тогаш, ве молам, како заклучок, донесете го тоа, за да можеме ние да излеземе пред граѓаните и да кажеме: „Видете, луѓе, сакаме ли во Европската Унија? Сакаме. Баравме ли од Европската Унија гаранции за нашиот идентитет, јазик, дека нема да има билатерални вета? Еве, нов заклучок донесе Советот за нас, гледате, ни го испорачува тоа. Од друга страна, еве, гледајте, нашиот источен сосед дозволи ОМО „Илинден Пирин да се регистрира, сега имаме претставник во Советот на министри за малцински права во таа влада“, и така натаму. Што значи дека сега имаме гаранции на кои може да им се верува. Во ред, тогаш можеме да дискутираме што ние, како влада, ќе испорачаме – додаде Мицкоски во интервјуто.
Од своја страна, пратеничката Моника Зајкова, на настанот на Обнова на Европа во Брисел – Форум за Западен Балкан 2026, порача дека Македонија има легитимно право да бара заштитни механизми како што ЕУ бара за себе.
– Апсолутно е надвор од умот да се очекува Македонија да се однесува неевропски, додека ЕУ со право се самозаштитува со правно обврзувачки клаузули. Ако тоа е европски стандард, тогаш тој мора да важи и за земјите кандидати – изјави Зајкова.
Таа посочи дека договореното со ЕУ треба да се спроведе без одлагање, но со јасни и правно обврзувачки заштитни клаузули: преку национални закони, уставен закон, како и со сите исти европски методи.
– Со европски методи, европски мерки и самодоверба, Македонија може да го истрча спринтот кон ЕУ – заклучи Зајкова.

Со еднаков пристап, ЕУ ќе ја врати кредибилноста на проширувањето

Во разговор со повеќе професори, експерти, аналитичари и познавачи на европските политики беше констатирано дека по големиот број изневерени очекувања, Македонија со право бара заштитни механизми дека нема да се соочи со нови разочарувања, а ЕУ, кога веќе самата се штити, треба истиот принцип да го примени и за земјава.
– Европскиот парламент сè појасно сигнализира дека ЕУ влегува во фаза на „стратешка заштита“ – и политичка и економска. Разгледувањето заштитни клаузули за зачувување на европскиот суверенитет, безбедносните интереси и критичните ресурси, особено во контекст на Гренланд, како и можната ревизија на веќе потпишаните договори со САД и со Меркосур, покажува дека Унијата повеќе не ја гледа отвореноста како апсолутна вредност, туку како процес што мора да има јасни осигурувачи. Ако ЕУ смета дека има легитимно право да воведе механизми што ќе ја заштитат од надворешни притисоци, геополитички ризици или асиметрични договори, тогаш логично се поставува прашањето зошто истиот принцип не би важел и во процесот на проширување. Особено кога станува збор за Македонија, каде што уставните измени се поврзуваат со билатерални условувања што директно навлегуваат во идентитетски и историски прашања – велат соговорниците.
Според нив, со ваквиот пристап, односно обезбедувањето безбедносни клаузули за земјава дека нема да има нови уцени, ЕУ ќе покаже искрена намера дека сака процесот на проширување повторно да го направи кредибилен.
– Заштитните механизми што ЕУ ги разгледува за себе не се знак на слабост, туку на институционална зрелост. Истата таа зрелост би можела да се покаже и кон кандидатите, преку модел што ќе гарантира дека уставните измени нема да бидат отворена врата за нови, бесконечни условувања од билатерален карактер. Доколку Европската Унија навистина сака кредибилна политика на проширување, тогаш мора да понуди и правна сигурност. Во спротивно, се создава впечаток дека за членките важат заштитни клаузули, а за кандидатите – само политичка импровизација – заклучуваат соговорниците.

 

Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА

Најнови вести од Македонија

To top