Во среда на 23.10.2024 година во 13:00 часот по повод државниот празник 23 Октомври – Ден на Македонската Револуционерна Борба ќе се одржи Свечена академија под слоганот „Завет кој обврзува” во Музејот на македонската борба за самостојност на која што свое обраќање ќе има претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, информираат од Владата.
Владина делегација во 11:00 часот ќе положи свежо цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО кој се наоѓа во Жена-парк Скопје.
Со овој празник се оддава должна почит за сите жртви и напори кои се дадени во борбата за самостојност и организираното делување во насока стекнување на независност, слобода и удирање на темели на сопствена македонска држава.
Воедно на овој ден во 1893-та година е формирана Македонската револуционерна организација која претставува главната сила во организираниот отпор насочен за ослободување.
Овој празник претставува завет на многу генерации кој обврзува за достојно, суштествено и активно делување во изградба на современа, силна и просперитетна држава, стои во соопштението на Владата.