Македонија СОВЕТИ ЗА РОДИТЕЛИ

Стручен совет од Ива Станкова: Што претставува терминот дислалија и како логопедот може да му помогне на вашето дете?

Дислалијата може да се јави како резултат на повеќе фактори нa пример: наследни, психолошки, фактори кои му влијаат на детето од средината или пак органски кои можат да бидат невролошки или анатомски.

Стручен совет од Ива Станкова: Што претставува терминот дислалија и како логопедот може да му помогне на вашето дете?

Што претставува терминот дислалија, зошто се јавува и какви видови постојат? Овие прашања, по барање на родители, КУРИР ги постави на логопедот Ива Станкова.

-Терминот дислалија претставува неправилен изговор на одредени гласови и може да се јави во форма на омисија ( испуштање на некој глас), супституција ( замена на неразвиен глас со глас кој веќе постои) или пак дисторзија ( оштетување на поединечни изговорени гласови). Дислалијата може да се јави како резултат на повеќе фактори нa пример: наследни, психолошки, фактори кои му влијаат на детето од средината или пак органски кои можат да бидат невролошки или анатомски.

Сите овие фактори се тесно поврзани меѓу себе и можат да си влијаат такашто најдобро е навремно да се посети логопед и да се утврди рехабилитацискиот третман. Постојат повеќе видови на дислалија од кои најчесто се јавуваат сигматизам, ротацизам, ламбдацизам, капацизам итн, изјави логопедот.

Ја прашавме и „Како се одвива рехабилитацискиот третман за дислалија“?

-Најпрвин треба да се изврши опсервација и проценка на детето од страна на логопедот за да се утврди за каков вид на дислалија станува збор. На пример, доколку се работи за сигматизам  тука може да започнеме со вежби за орална праксија во која учестува целиот говорен апарат, а воедно таа е еден од најважните сегменти за правилен изговор на сите гласови.

Вежбите се сочинуваат од: вадење на јазикот од устата при што се прават движења горе, долу, лево, десно, кружни движења преку усните и истите вежби се спроведуваат со јазикот внатре во усната празнина. Исто така се применуваат и вежбите за насочување на воздушната струја. На пример: Дување ливчиња со сламка, дување со сламка во вода, дување балони итн. Потоа следува правилно местење на говорните органи за правилен изговор на гласот како и негова автоматизација, рече Станкова во изјава за КУРИР.

To top