Во емисијата „Анализа“ на ТВ 24 гостуваше пратеникот од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ кој порача дека институциите мора целосно да го завршат судскиот процес поврзан со трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој ја потресе јавноста, нагласувајќи дека власта нема намера да прикрива било кого и очекува одговорност за сите сторители.
„Веќе гледаме дека се води судски спор којшто е активен во моментот, битно е граѓаните да знаат дека ние не сакаме да заштитиме никого, напротив сакаме секој сторител да одговара за стореното дело и кон тоа стоиме и се надевам дека ќе се смогнат сили пред се судската власт и ЈО да го истера случајот до крај а ние стоиме тука да им дадеме поддршка на тие луѓе коишто за жал ги изгубија своите најмили, а со тоа и самата држава изгуби. Во моментот најбитно за нас како држава, како општество е сторителите да одговараат, односно сите кои се виновни да одговараат, навистина се обидуваме и преземаме се да направиме за дојдеме до правдата, нешто што го сакаат и оние кои останаа без своите најмили, без своите деца и ние како држава“, истакна Станковиќ и додаде:
„Прва работа ние како власт не бегаме од ниту едно прашање и тоа го докажавме со самото тоа што и ние бевме иницијатори за покренување на иницијатива во Собранието. Ние сметавме во почетокот дека тоа ќе ги изложи овие луѓе коишто се најдиректно засегнати во дополнителни стресови и од таа морална гледна точка. Во оној момент кога разбравме дека тие самите сакаат да се обратат, ние постојано сме транспарентни и велиме сето она што мислите дека треба да го направиме ние сме отворени да го направиме и затоа ние ја потпишавме самите иницијатива не само за овој случај и за сите претходни случаи да се отворат и да се разгледаат во Собранието. Во ниту еден момент никој од власта не избегал од одговорност, од соочување или од поставување и отворање на одредени прашања“, рече Станковиќ.
Станковиќ потсети дека уште на почетокот имало средби помеѓу родителите и министерот за внатрешни работи, Тошковски, со порака дека правдата мора да излезе на виделина Станковиќ повтори дека Владата останува доследна во ставот дека никој нема да биде заштитен.
„Знаете дека и на самиот почетокот и министерот за внатрешни работи имаше средба со родителите, ние постојано сме во контакт не само со родителите, не само со одредена група на родители, со сите засегнати во однос на овој немил настан и ние даваме отворена поддршка на сите институции да дојде реално до правдата. Најбитно на сите ни е правдата да излезе на виделина, да се санкционираат сите на кој било начин инволвирани“, вели Станковиќ.