Денес сакаме да ве информираме за важен чекор што го направивме во насока на подобрување на патната инфраструктура и унапредување на сообраќајната безбедност во нашата држава. Заедно со неколку пратеници и во консултација со Министерот за транспорт, господинот Александар Николоски и неговиот кабинет, поднесовме измени на Законот за јавни патишта, изјави Бети Стаменковска Трајковска, пратеничка од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
„Ќе ги издвојам трите најзначајни новини од предложените измени:
1. Подобрување на безбедноста на патиштата
Во предложениот закон се вклучува нова, појаснета дефиниција за експресен пат, што ќе овозможи подобро планирање и уредување на патната мрежа. Дополнително, се проширува можноста за примена на мерки за забавување на сообраќајот на јавни патишта, во согласност со стандардите за сообраќајна безбедност – сè со цел да се намалат ризиците и да се заштитат сите учесници во сообраќајот.
2. Модернизација на системот за наплата на патарина
Соочени со предизвиците од сè поголемиот сообраќаен интензитет, предвидуваме воведување на постпејд и припејд модели за наплата на патарина, како и можност за надополнување на електронските уреди – М-карта и М-таг – преку широка мрежа на малопродажни објекти низ целата држава. Целта е да се намалат гужвите на наплатните станици, да се зголеми ефикасноста и да се поттикне користење на електронски системи за плаќање.
3. Ослободување од патарина за специфични категории граѓани
Социјалната димензија на овие измени предвидува ослободување од плаќање патарина за лицата кои имаат извршена трансплантација на орган или ткиво, како и за донори на органи или ткива. Веруваме дека ова е мал, но значаен чекор во насока на поголема поддршка и почитување кон овие лица“, потенцира Стаменковска Трајковска.
Со овие измени поставуваме нови стандарди за безбедно, модерно и правично користење на патиштата во Република Македонија. Продолжуваме посветено да работиме во интерес на граѓаните, изјави Стаменковска Трајковска.