Македонија Хелсинки

Средба на МЕП Муртезани со МНР Валтонен, за продлабочување на дијалогот за европската иднина на Македонија

Министерот Муртезани ја поздрави доследната улога и поддршка на Финска како дел од неформалната група во Советот на ЕУ „Пријатели на Македонија“, којашто активно промовира соработка меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.

Средба на МЕП Муртезани со МНР Валтонен, за продлабочување на дијалогот за европската иднина на Македонија

Денеска во Хелсинки, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, во рамки на работната посета, имаше средба и со министерката за надворешни работи на Република Финска, Елина Валтонен, којашто претставуваше можност за продлабочување на дијалогот за европската иднина на земјата и регионот и за зацврстување на улогата на Финска како близок партнер во овој процес.

На средбата беа реафирмирани пријателските билатерални односи, кои се карактеризираат со партнерство и заемна поддршка. Министерот Муртезани ја поздрави доследната улога и поддршка на Финска како дел од неформалната група во Советот на ЕУ „Пријатели на Македонија“, којашто активно промовира соработка меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.

Муртезани посочи дека интеграцијата на Македонија во Европската Унија, не е само национален приоритет, туку и политичка стратешка цел што испраќа порака на надеж за целиот регион. Во таа насока, тој ја нагласи потребата за предвидлив и кредибилен пристапен процес кој ќе ги мотивира земјите-кандидати во имплементирањето на реформските агенди.

Министрите се согласија дека Унијата не е цел сама по себе, туку механизам за создавање заеднички просперитет, стабилност и демократски вредности. Во таа насока, во разговорите беше нагласено дека проширувањето е клучен инструмент за зајакнување на геополитичката релевантност на Унијата и за одржување на довербата на граѓаните од регионот во европската перспектива.

To top