Македонија родовата дискриминација е сеприсутна реалност на жените во Македонија во повеќе области

Соопштение од КСЗД по повод 8 Март- Меѓународниот ден на жената

Со жалење констатираме дека, овие препораки донесени од КСЗД, како независно тело, кое работи согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, не се спроведени, со што одговорните институции овозможуваат опстојување на родовата нееднаквост и прекршување на женските права.

Соопштение од КСЗД по повод 8 Март- Меѓународниот ден на жената

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, оваа година, преку Маршот за женски права, организиран од Платформата за родова еднаквост, се приклучува кон одбележување на 8-ми Март, Meѓународниот ден на жената.

КСЗД констатира дека, родовата дискриминација е сеприсутна реалност на жените во Република Северна Македонија во повеќе области. Како заштитник на човековите права и борец за остварување на еднаквост на жените, Комисијата потсетува дека има донесено две општи препораки. Едната општа препорака се однесува на родовата дискриминација во затворскиот систем, во кој жените немаат можност на ист начин како и мажите да прогресираат во установи од полуотворен и отворен тип, бидејќи за жените-затворенички е достапен само КПУ „Идризово“, кој функционира како установа од затворен тип. Другата општа препорака се однесува на измени на Законот за здравствено осигурување, со кои би се решил проблемот на интерсекциската и продолжена дискриминација кон жените од руралните средини во остварување на правото на платено породилно отсуство и отсуство поради боледување.

Со жалење констатираме дека, овие препораки донесени од КСЗД, како независно тело, кое работи согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, не се спроведени, со што одговорните институции овозможуваат опстојување на родовата нееднаквост и прекршување на женските права.

Во изминатот период, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во 65 случаи има утврдено дискриминација врз основа на род, пол и родов идентитет, а во 46% од случаите е утврден потежок облик на дискриминација, односно интерсекциска, повторена, продолжена или повеќекратна дискриминација.

Од нашата практика, би ги издвоиле случаите во кои доминираат областите на јавно информирање и медиуми (71%) и работни односи (12%). Жените, а особено бремените жени, се соочуваат со родова дискриминација на пазарот на труд, од една страна, поради родово несензитивното законодавство во областа, а од друга, поради опстојување на родовите норми, според кои, жените треба да ја имаат клучната улога во грижата за домот, децата и постарите членови на семејството. Неплатениот женски труд во домот и во земјоделството се форми на родова дискриминација и трудова експлоатација за кои треба да се донесат соодветни политики и мерки. Во областа на медиумите и јавното информирање, жените, а особено трансродовите жени се изложени на вознемирувачки и сексистички говор, сексуално вознемирување и повреда на приватноста. Сѐ почестата употреба на овој говор се должи на засилени активности на иницијативи против родовата еднаквост, чиј пораст се бележи и на европско и на светско ниво.

Неопходно е унапредување на законодавството, преку регулација на онлајн медиумите и социјалните мрежи и зајакнување на капацитетите на органите за прогон за казнување на сторителите на кривичното дело „сексуално вознемирување“ и „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

Апелираме до надлежните институции, во најбрз можен рок да ги спроведат општите препораки донесени од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, да го унапредат трудовото законодавство од аспект на родова еднаквост и да го донесат Законот за родова еднаквост, имајќи ги предвид европските стандарди во областа.

Го препознаваме родово заснованото насилство, како најсериозна форма на родова дискриминација и апелираме до жртвите и до здруженијата на граѓани, да поднесат претставки до КСЗД секогаш кога сметаат дека институциите постапиле спротивно на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

Честит 8-ми Март, Меѓународен ден на жената!

Најнови вести од Македонија

To top