Заклучно со крајот на минатата година вкупниот број на станбени згради кои се управувани од управител или заедница на сопственици изнесува 7 582, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за домување.
Извештајот на РКД за втората половина од 2023 година покажува забележителен пораст на бројот на станбени згради управувани од лиценцирани управители и нивниот број изнесува 5 048 со склучени договори за вршење управувачки услуги за 124.372 посебни делови односно станови и деловни простории. Тоа претставува зголемување споредено со првото полугодие лани, кога со лиценцирани управители беа управувани 4 910 згради со вкупно 117.425 посебни делови односно станови и деловни простории.
Тоа значи значително зголемување на бројот на посебни делови односно станови и деловни простории кои се управувани од страна на лиценцирани управители. Постои тенденција на намалување на заедници на сопственици на посебни делови а зголемување на бројот на ангажирање на управители, констатира РКД во извештајот.
Лиценцираните управители имаат склучено договори за управувачки услуги само во 20 градови, па од овие причини, според Комисијата, реални се очекувањата интересот на правните субјекти за добивање на лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради да продолжи и во наредниот период.
-Бројот на склучени договори со лиценцирани управители е многу варијабилен и подлежи на промени. Легитимно право е на сопствениците да донесат одлука со мнозинство гласови за раскинување на веќе склучените договори и да изберат нов управител или пак да си регистрираат заедница на сопственици. Исто така и лиценцираните управители имаат легитимно право навреме и во законски определен рок да ги раскинат договорите за управувачки услуги ако сметаат дека неможат да ги исполнат договорените обврски, посочува Комисијата.
Заклучно со декември лани, најголем број склучени договори за управувачки услуги има во Скопје, Битола, Штип, Струмица, Велес и Охрид.
РКД посочува дека во периодот од 1 јули до 31 декември минатата година, забележан е пад на бројот на регистрирани заедници на сопственици. Според податоците добиени од Централниот регистар до средината на декември 2023 година се регистрирано вкупно 2 534 заедници на сопственици, а до средината на јуни 2023 година тој број изнесувал 2 557. Бројот на избришани заедници на сопственици во овој извештаен период е зголемен за 23 заедници.
– Овие податоци се доказ дека интересот на граѓаните за примена на одредбите од Законот за домување се зголемува, што е показател дека интересот кај граѓаните е зголемен или се чувствуваат благодетите кои се добиваат од истиот закон, односно поквалитетен живот. Бројот на вкупно згаснати заедници на сопственици во период од 2010 година до месец декември 2023 година, изнесува 1 136 заедници. Како и во претходниот период најголем број од станбените згради кои ги згаснале заедниците на сопственици, имаат донесено одлука за ангажирање на лиценциран управител, па се очекува овој тренд да продолжи и во иднина, стои во Извештајот.
Најголем број на регистрирани заедници на сопственици се во општините на Град Скопје, како и Кавадарци, Тетово, Битола и Охрид. Во општините Валандово, Дебар, Демир Капија, Дојран, Илинден, Јегуновце, Кратово, Маврово и Ростуша, Македонски Брод и Пехчево има регистрирано од една до пет заедници на сопственици.
При контролите што ги спровела РКД од крајот на ноември до крајот на декември лани констатирано е дека условите за поседување лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради ги исполнува 71 правно лице.
РКД и во овој извештај констатира дека најголем број општини немаат назначено инспектори за домување. Во цела држава вкупно има 14 лиценцирани инспектори за домување и тие се ангажирани во општините Центар, Аеродром, Карпош, Гази Баба, Кисела Вода, Чаир, Охрид, Битола, Куманово, Велес, Штип, Гостивар, Струмица и Кичево.
-Ваквата состојба ја отежнува работата на лиценцираните управители, како и функционирањето на регистрираните заедници на сопственици, но истовремено се зголемуваат нерегуларностите од страна на управителите, за што укажува зголемениот број на пријави и претставки од граѓаните, укажува РКД.
Се уште не е реализирана иницијативата на Регулаторната комисија за домување од минатата година за која пишуваше МИА, со законски измени да се овозможи определување привремен управител во зградите, со што би се надминал проблемот во поголемиот број згради кои досега не го уредиле управувањето во заедничките делови во согласност со Законот за домување. (МИА)