Претседателката Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна „интелигенција“.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.
„Добар ден на сите,
Почитувана Ректорке, Професорке Ангелова,
Почитуван Декане, Професор Санта,
Почитуван Заменик-шеф на делегацијата на Европската Унија, г-н Нупнау,
Почитувана Раководителке на проектот, Цветковска,
Називот на проектот е Skills4Justice. Живееме во простор од којшто си заминуваат најдобрите, простор на brain drain, а не на brain gain.
Да потсетам, кога се нафатив да се кандидирам за претседателка, инспирацијата ми дојде од Ирска каде во 80-те години на политичкиот простор осамна претседателката Мери Робинсон. Загрижена за одливот на најдобрите од Ирска, таа сакаше од емигрантска да ја трансформира во нет-имиграцигрантска.
Доаѓајќи овде, морам да бидам самокритична во говорот и да објаснам каде ја гледам најголемата пречка за цветањето на најдобрите на овие простори, како припадници на епистемолошка заедница. Таа во себе ги вклучува: креаторите на политиките, најактивните во policy- процесот, а не во politics-процесот: академската заедница, членовите на тинк-тенковите, новинарската аналитичка и истражувачка фела и културните дејци. Тие се оние кои анализираат, критикуваат и креираат.
Со вас ќе споделам неколку мои видувања. Сметам дека епистемолошката заедница оневозможува луѓе со скромно знаење и високи титули да го имаат главниот збор во државата. Најголемиот проблем во нашиот научно-образовен простор е што виреат многу универзитети и факултети, што се фабрики за дипломи, но малку фабрики за знаење. Има широк простор за просечните, но малку простор за најдобрите и најкритичните.
Битката за најдобрите е најтешката, ама и најважната за да се биде дел од европскиот простор. Надвор, најдобрите лесно се интегрираат во европската, американската или која било заедница, оти знаењето лесно се препознава и веднаш се вреднува.
Нашите млади и нашите компании често се разминуваат: младите се без работа, компаниите без профит, а државата без луѓе.
Неодамна на Меѓународната паневропска конференција, со право беше потенцирано дека нашата земја и регионот континуирано ја финансираат Европската Унија. Македонските граѓани преку даноците го финансираат образованието на младите, а кога доаѓа моментот за вклучување на пазарот на трудот, тие одат во поразвиените европски држави, коишто имаат полза од скапо стекнатите знаења и вештини.
Мене, под кровот на овој објекат изграден во бруталитистички стил, претходниов пример ми личи на експолоатација на рудник од непроценилва вредност од странски концесионер.
Моделов на извоз на најдобрите и највредните, во реалноста остава длабоки демографски лузни, како и вакуум во знаењето. Одливот на најдобритр има голем притисок врз регионот, вклучувајќи не и нас зашто ⅓ од популацијата, највредната, е надвор. Соочени сме со низок наталитет и забрзано стареење.
Проекциите се алармантни, до 2070 година ризикуваме од сегашните 1,8, нашата популација ќе се сведе на 1,2 милиони жители. Тоа ќе има негативен одраз не само врз македонската економија, туку и врз социјалниот, здравствениот, пензискиот систем и другите системи.
Ние имаме повеќе магистри и доктори на науки, по глава на жител од многу развиени држави, што би требало да резултира со економско чудо, но ние сме познати по масовен извоз на умови. Затоа, сметам дека е потребно храбро преиспитување на бројот и состојбата на нашите високообразовни институции, односно генерална реакредитација.
Во насловот се споменува и justice. Се согласувам дека нема ниту економија, ниту наука, ниту уметност без правда и без етика. За жал, реал-политиката не познава и не признава етика. Сè додека при вработувањето и при градењето кариера, партиските книшки, врски и непотизмот се поважни од знаењето и од квалитетот, младите ќе заминуваат во потрага по меритократија.
Посакувам одговорните министри да ги убедуваат најдобрите студенти, прокрајот на студиите, да се вработат во нивните кабинети.
Секој ден слушаме за важноста на младински политики, водени од максимата дека иднината им припаѓа на младите. Но, циничниот Шопенхауер, предупредува дека иднината е непредвидлива и не зависи само од нас. Затоа, младите треба да ја освојат сегашноста, ако сакаат да влијааат врз иднината. Како? Така што сами ќе учествуваат во креирањето на политиките.
Сведоци сме на дигитална трансформација. На Светскиот самит на лауреатите во Дубаи, некои докажани татковци на вештачка интелигенција предупредуваа да престанеме да ги учиме децата и младите да се натпреваруваат со машините, оти не можат да ги победат во меморирањето на податоците.
Но, се прашувам: Што ако роботот, како Протеус, во истоимениот филм, развие способност за емоција и љубов? Што ако се обистинат предупредувањата на Харари за свет што наликува на Олимп, на чиј врв ќе живеат, небаре Богови, најбогатите, најубавите, најумните и најздравите, а на дното, како во книгата „Името на Розата“ на Умберто Еко, најголемиот број од луѓето без никаква шанса без никаква шанса да се качат погоре заради безмилосната одбрана на тие најгоре од страна на роботите. Во ваков свет, нема шанса за правда. За среќа, ние се уште посакуваме природна интелигенција да биде дополнета со емоционална, а умот со чувство за етика и љубов. Значи, на вештачката интелигенција ѝ недостасува хуманост, креативна имагинација, етички резон, па и критичко размислување понекогаш. Ако сакаме прекрасните млади умови да успеат, мора да ја промениме образовната парадигма, да ставиме крај на меморирањето и да го поттикнеме критичко размислување. Да потсетам, имам сомнеж дека т.н. Болоња процес, го ставаше акцентот на вештините, а го отапуваше критичкото мислење. Праведната емиграција е алтернатива на едностраниот извоз на таленти. Дуалното образование и партнерството ќе овозможат странските држави и компании да вложуваат во нашето образование со цел да се создаваат кадри за заедничкиот пазар.
Многу се радувам на младите умови од ФИНКИ кои, она што неодамна го правеа во Британија да го работат овде. Македонската држава има насушна потреба од тесна соработка со дијаспората, со оглед на вештачката интелигенција и на дигитализацијата коишто овозможуваат да живее во Њујорк, да работи овде, може да живее овде, да работи таму, значи, границите се бришат, „хорајзонот“ станува еден.
Реформите на коишто се повикуваме мора да бидат системски и да почнуваат од оснивно образование каде што ќе се препознаваат способностите на учениците, а особено на најталентираните. Ги поздравувам иницијативите за вложување во програмите за мобилност како Еразмус+, како и заедничките студии и дипломи со странски високообразовни институции.
Сметам дека вклучувањето на нашинците, кои предаваат на престижни странски универзитети, во нашиот образовен процес преку доделување на образовен статус ќе овозможи не само подобруваее на нашето образование, туку и наше полесно искачување по престижните листи.
Имаме голема шанса, со помош на технологијата, да си ги сочуваме младите умови дома, а кога се надвор, да работат како да се дома. Всушност, старомодно верувам дека не случајно некаде, па дури и енергијата ни извира од местото на раѓањето.
Посакувам македонската држава да ја направиме пристојно место за живеење, каде што најумните ќе сакаат да останете, да работат и да го одгледате следното поколение“.