Штип вечерва им оддаде почит на Филип Ивановски, Дамјан Таневски, Александар Ефремов, Филип Стевановски и Александар Коларов, кои пред една година починаа во пожарот во „Пулс“-Кочани. Семејствата на загинатите штипјани и градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов го поставија и камен темелникот на спомен обележјето во близина на Градскиот плоштад „Слобода“.

Спомен обележјето има пет гулаби кои се свртени кон ангел. Во тишина потешка од илјада зборови се оддаваше почит на 63 жртви, меѓу кои и на петтемина штипјани кои загинаа во страотниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“.
Семејствата на загинатите и нивните роднини, пријатели, како и граѓани на Штип, тивко, со тага и болка палеа свеќи и положуваа цвеќе пред сликите на загинатите млади штипјани. Присутните направија и симболично „ѕвездено небо“, а се пуштија и бели балони.