Германскиот канцелар пристигна со воз во Киев за да се сретне со украинскиот претседател. Канцеларот Олаф Шолц вторпат патува со воз до главниот украински град. По пристигнувањето тој најави помош од 650 милиони евра нагласувајќи дека Германија ќе остане најсилниот поддржувач на Украина во Европа.
– Повеќе од 1.000 дена Украина херојски се брани од безмилосната руска агресорска војна – изјави Шолц.
„Дојче Веле“ пишува дека освен за помошта, Шолц и украинскиот лидер Володимир Зеленски ќе зборуваат за можните дипломатски иницијативи за крај на војната под водство на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Шолц неколкупати разговараше со Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден, а на оваа тема разговараше и со Доналд Трамп.
Германскиот канцелар доаѓа во време кога Украина има загуби на фронтот, борејќи се да го задржи регионот Курск и да ги одбие Русите на истокот од земјата.
Шолц последен пат ја посети Украина во јуни 2022 година, заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и тогашниот италијански премиер Марио Драги.
Истовремено, поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изрази уверување дека привременото отстапување територии на Русија ќе биде опција за брз крај на украинската војна.
-Потребна ни е линија за прекин на огнот и, се разбира, идеално таа треба да ги покрива сите територии кои Русија во моментов ги контролира, но гледаме дека тоа не е многу реално во блиска иднина. Украина би можела привремено да отстапи дел од своите територии за ова цел, рече тој, пренесува германската телевизија Тагесшау.
Столтенберг изјави и дека е важно владата во Киев да добие безбедносни гаранции во замена за привремени отстапки на територија. Според него, тоа би можело да биде членство во Алијансата, но има и други начини за вооружување и поддршка на Украинците.