Од денеска започнува со работа ново национално координативно тело, за прв пат формирано во мандатот на една Влада, кое ќе има задача да работи на подигнување на девастираниот високообразовен систем и да обезбеди понатаму одржливост на квалитетот, како и да ги подобро вложувањата во науката и условите за научно истражувачка работа во државата.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска по одржувањето на конститутивната седница на Националното координативно тело за реформи во високото образование, науката, истражувањето и развојот, како иницијатива од програмата за работа на новата Влада.
„Се работи за инклузивно тело, во кое членуваат претставници на институции како МОН и Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност, претставници на универзитетите и Интеруниверзитетската конференција, на бизнис заедницата и граѓанските здруженија. Од секого се очекува непристрасност и застапување не на лични или интереси на потесни групи, туку заложба за генерална промена на состојбите во корист на сите и во корист на државата“, рече Јаневска.
Националното координативно тело ќе нарави анализа на состојбата во областите каде ќе делува, а потоа ќе предложи конкретни активности кои нема да бидат обврска само на една институција или страна.
„Ќе ја проверуваме законитоста на работата на установите, исполнетоста на условите за работа, ќе направиме ревизија на квотите за упис на факултети, стимулација на унапредувањето на студиските програми и креирање интердисциплинарни студиски програми. Ќе поддржиме поврзување со бизнис заедницата, поголема меѓународна соработка и учество во програми за образование, наука и истражување и така натаму“, посочи Јаневска, изразувајќи благодарност до сите што ја прифатија иницијативата и се вклучуваат во работата на телото.
Како што рече, оваа иницијатива влева нова надеж за сериозно јакнење на образованието и науката како основни столбови на кои треба и ќе се потпира севкупниот развој на државата.
Со Националното координативно тело ќе раководи министерката за образование и наука. Има и заменик претседател, како и 30тина други членови, нивни заменици и лица за административно – техничка поддршка. Телото ќе има обврска на секои шест месеци да доставува извештај за работата до Владата.