Македонија Министерство за европски прашања

Сали оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер

Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер

Сали оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер

Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, при што беа разгледани клучните прашања поврзани со процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија, управувањето со миграцијата, граничната безбедност и борбата против организираниот криминал.

На средбата беше потврдена цврстата определба на Владата за продолжување на реформите во рамките на кластерот „Основи“, со посебен фокус на владеењето на правото, јавната администрација и заштитата на фундаменталните права. Министерот Сали ја нагласи посветеноста на Северна Македонија кон исполнување на отворачките мерила и одржување на реформскиот моментум.

Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез и излез на Европската Унија и неговото влијание врз професионалните возачи од регионот. Министерот Сали ја истакна потребата од прагматично и пропорционално решение кое ќе ја зачува економската стабилност и ќе обезбеди непречено функционирање на синџирите на снабдување, имајќи предвид дека Македонија е земја која целосно зависи од патниот транспорт.

Во делот на миграцијата и граничното управување, беше нагласено дека Македонија останува сигурен партнер на Европската Унија, со целосна имплементација на Статусниот договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража и активно учество во заедничките операции.

Двајцата соговорници ја потврдија важноста од продлабочување на соработката во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога и криумчарењето мигранти, како и зајакнување на размената на информации и оперативната координација.

Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали ја реафирмираше определбата на Македонија за целосно усогласување со европските стандарди и продлабочување на институционалната соработка на патот кон полноправно членство во Европската Унија.

Најнови вести од Македонија

To top