Доналд Трамп разговарал со Владимир Путин по победата на претседателските избори во САД и го советувал да не ја засилува војната во Украина, изјави добро упатен извор за „Ројтерс“. Тој рекол дека Трамп и Путин разговарале во изминатите денови. Од украинското министерство за надворешни работи рекоа дека однапред не биле известени за ова.
„Не ги коментираме приватните повици на Доналд Трамп со другите светски лидери“, изјави Стивен Чеунг, неговиот директор на комуникации.
Новоизбраниот претседател на САД, кој беше критичен кон обемот на американската воена и финансиска помош за Украина, во средата разговараше и со Володимир Зеленски. Трамп ќе ја преземе функцијата на 20 јануари и најави дека ќе ја заврши војната во Украина за еден ден.
„Претседателот Бајден сака да го увери Трамп дека ќе има мирен трансфер на власта и ќе разговараат за она што се случува во Европа, Азија и на Блиски Исток. Во следните 70 дена, Бајден ќе се обиде да ги убеди Конгресот и Доналд Трамп да не ја напуштаат Украина, зашто тоа би значело повеќе нестабилност во Европа“, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливен.
Од почетокот на војната, САД обезбедија воена и економска помош за Украина вредна десетици милијарди долари, што беше критикувано од Трамп и други водечки републиканци.