Се зголемува интересот кај машката популација за бесплатните тестирања за ХИВ и други сексуално преносливи болести во рамки на Европската недела на тестирање и месецот на машкото здравје.
Бесплатните тестирања, во рамки на кампањата „Грижи се за себе“, започнаа од 20-ти ноември и ќе траат до недела (26 ноември).
Од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување за Курир велат дека до денеска во рамки на кампањата направени се 18 дерматовенеролошки прегледи и 43 тестирања кои опфаќаат мажи и жени, од кои поголемиот број тестирани се од машката популација.
-Оваа година интересот е поголем во однос на претходните. Важно е да се напомене дека бесплатните тестирања се достапни и по завршувањето на кампањата која е во рамки на Европската недела на тестирање. Истите се доверливи и лицата не треба да носат ниту здравствена книшка, ниту документ за иденфицикација, појаснуваат од ХЕРА.
Целта на кампањата е да се поттикнат и охрабрат мажи и момчиња ако се во ризик или превентивно да се тестираат на ХИВ, без разлика на која популациска група припаѓаат. За тестирањата препорачливо е претходно да се закаже на телефонскиот број: 3176-950
На Клиниката за инфективни болести во 2023 година се откриени 46 лица позитивни на ХИВ, од кои 41 се на редовен антиретровирусен третман. Една третина од овие пациенти се откриени во доцна фаза од болест.