Денес во Скопје се одржа состанок на Работниот комитет за Националната развојна стратегија (НРС), советодавно тело на Советот кое обезбедува експертска и техничка поддршка во имплементацијата на Националната развојна стратегија 2024-2044 година. Овие активности имаат за цел да ги постигнат амбициите за економски раст, социјална правда и одржлив развој, дефинирани со стратегијата, информираат од Министерството за енергетика.
Генералниот секретар на Владата, г. Игор Јанушев, даде воведно обраќање, истакнувајќи ја важноста на оваа иницијатива и ја изрази благодарноста кон УНДП и Министерството за финансии на Република Словачка за нивната поддршка. Јанушев нагласи дека со донесувањето на Националната развојна стратегија 2024-2044 и Програмата за нејзина имплементација 2024-2028, се започнува сериозен процес на долгорочен развој на земјата.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во своето обраќање изјави дека, иако патот е полн со предизвици, тој отвора и нови можности кои мора да се искористат.
-Македонија се соочува со сериозни предизвици во енергетскиот сектор. Иако потрошувачката на енергија по глава на жител е пониска од просекот на ЕУ, имаме висок степен на енергетска сиромаштија и еколошка деградација. Во 2020 година, 24% од населението се соочуваше со енергетска сиромаштија, три пати повеќе од ЕУ просекот. Нашата цел е да балансираме помеѓу намалувањето на енергетската сиромаштија и зголемувањето на економската продуктивност, додека ги постигнуваме еколошките стандарди. Приоритет ќе ни биде да преминеме кон чиста енергија и да ја зголемиме енергетската ефикасност во сите сектори, особено преку поддршка на ранливите групи, како што се жените и помалку развиените региони. Истовремено, ќе вложиме во модерни технологии и обновливи извори за поголема енергетска ефикасност во индустријата и домаќинствата. Преку праведната транзиција во енергетскиот сектор ќе создадеме зелени работни места и ќе овозможиме родова еднаквост во новите проекти, истакна министерката Божиновска.
Министерката подвлече дека првите две до три години се клучни за имплементација на најважните мерки и ги повика членовите на Работниот комитет да предложат конкретни мерки за брза реализација.
-Со обединети напори од сите партнери можеме да изградиме зелена и одржлива иднина која ќе биде подобра за сите нас, нагласи министерката Божиновска.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини работи на подготовка на нов Закон за енергетика и Закон за обновливи извори на енергија. Работната група, составена од претставници на релевантните институции, енергетски компании, стопански комори и здруженија на производители на електрична енергија, активно го изработува текстот на законот. Предлог-законот се очекува да биде поднесен до Собранието најдоцна до почетокот на декември, со цел исполнување на обврските преземени со Договорот за основање на Енергетската заедница.
Националната развојна стратегија (НРС) е визионерски документ за следните 20 години, кој ја насочува земјата кон долгорочен развој преку четирикратен хеликс модел, овозможувајќи интегрирана соработка помеѓу државата, бизнис секторот, академската заедница и граѓанскиот сектор. Во претстојниот период ќе се разработат конкретни акции за реализација на стратегијата.