Македонија

Први април – Ден на шегата: Скопје во знакот на хуморот, маските и карикатурата

Први април, Денот на шегата, ширум светот се одбележува како ден посветен на хуморот, смеата и безопасните шеги. Во нашата земја, традиционално, најмладите маскирани во суперхерои, принцези, бубамари, пчелки, готвачи, лекари и ликови од цртани филмови дефилираат низ градот, создавајќи ведра и шарена атмосфера.

Први април – Ден на шегата: Скопје во знакот на хуморот, маските и карикатурата

Први април, Денот на шегата, ширум светот се одбележува како ден посветен на хуморот, смеата и безопасните шеги. Во нашата земја, традиционално, најмладите маскирани во суперхерои, принцези, бубамари, пчелки, готвачи, лекари и ликови од цртани филмови дефилираат низ градот, создавајќи ведра и шарена атмосфера.

Градот оваа година повторно ќе биде исполнет со детска радост на манифестацијата „Априлијада“. ЈУ Детски културен центар „Карпош“, под покровителство на Град Скопје, денеска со почеток во 10:30 часот во Градски трговски центар ја организира традиционалната детска програма.

Настанот вклучува ревија на маскирани деца од градинки и основни училишта, танцови точки, настапи на балетската секција при ДКЦ „Карпош“, солисти од ЗОО Азбука, студијата Бреак А Лег и Марбал, како и „Златните славејчиња“.

Посебна атракција за посетителите ќе бидат настапите на кловнови, маскоти од познати цртани филмови како и пантомимичар, кои преку интерактивна забава и хумор ќе создадат вистинска карневалска атмосфера и ќе ја раздвижат публиката.

За крај, публиката ќе ужива во сегменти од детскиот мјузикл „Аладин и волшебната ламба“ изведени на македонски јазик од студиото Бродвеј јуниор.

Настанот е наменет за деца, родители и поширока јавност, со цел да ја поттикне детската креативност, уметничкиот израз и духот на заедништво. Едноставно, „Априлијада“ е забава за сите генерации.

По повод Денот на шегата, ОСТЕН организира богата програма со изложби посветени на карикатурата, со што целиот месец април го прогласува за Месец на хуморот и сатирата.

На 1 и 14 април, во галеријата на ОСТЕН ќе бидат изложени карикатури и сатирични дела од реномираните автори Димитар Чудо и Мице Јанкуловски. На 21 април, во соработка со Амбасадата на Република Хрватска, ќе биде отворена изложба на карикатури од Хрватското друштво на карикатуристи.

Денеска се одбележува 1 април – Денот на шегата. Ова не е национален празник, но насекаде во светот се прославува како ден кога многумина прават шеги и будалаштини.

Денот на шегата се прославува различно низ светот. Во Канада, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и Јужна Африка, шегите траат до пладне, додека во Франција, Италија, Јужна Кореја, Јапонија, Русија, Холандија, Германија и други земји, хуморот не познава временско ограничување и трае цел ден.

Први април останува ден кога смеата и креативноста ги сплотуваат луѓето, потсетувајќи нè на значењето на хуморот во секојдневниот живот.

To top