Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, од денеска ќе престојува во официјална посета на Република Хрватска.
Утре, 24 март 2026 година, вторник, во Загреб претседателката Сиљановска-Давкова ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ. Предвидено е претседателите да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок на македонската и хрватската делегација.
Сиљановска-Давкова ќе оствари средба и со претседателот на владата, Андреј Пленковиќ.
Предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да положи венец на Споменикот на татковината, додека во Градскиот парк Бундек ќе положи венец на спомен-бистата на Блаже Конески.
Сиљановска-Давкова ќе ја посети Македонската православна црква „Св. Злата Мегленска“ во Загреб и ќе оствари средба со преставници на македонската заедница во Хрватска. Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб претседателката ќе присуствува на отворањето на изложбата „Архивски документи“ на македонската уметница Жанета Вангели.
Во рамки на официјалната посета, во среда, 25 март 2026 година, претседателката Сиљановска-Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет при Универзитетот во Загреб, на тема „За парадоксите на македонските евроинтеграции“.