Македонија

Почина Божидар Симоновски, остави длабока и трајна трага на музичката сцена

Со смртта на Божидар Симоновски, Штип и Македонија изгубија исклучителен културен работник, а неговото дело и влијание ќе останат трајно врежани во колективната меморија, вели Лазарев.

Почина Божидар Симоновски, остави длабока и трајна трага на музичката сцена

Почина Божидар Симоновски, еден од најзначајните културни работници и музички ентузијасти што Штип и Македонија ги имале во изминатите децении. Дом на млади-Штип, институцијата во која што работеше Симоновски објави дека тој зад себе остави длабока и трајна трага во развојот на музичката сцена, младинската култура и институционалниот живот на градот.

Божидар Симоновски беше поврзан со штипскиот Дом на млади – простор кој под негово влијание израсна во расадник на музички таленти, идеи и алтернативна култура. За многумина, тој не беше само организатор или професионалец зад сцената, туку визионер и ментор кој несебично ја поддржуваше младината.

Во 2022 година, во Домот на млади беше откриен мурал посветен на Симоновски, дело на уметницата Елена Поповска, која тогаш истакна дека станува збор за личност со огромно значење за македонската култура. Муралот, изработен во поп-арт стил, беше замислен како траен потсетник на неговиот придонес и статусот што го има како музичка и штипска легенда.

Директорот на Домот на млади, Видан Лазарев, при откривањето на муралот изјави дека успехот и наследството на Симоновски тешко можат да се надминат, додавајќи дека институцијата денес опстојува токму затоа што „стои на рамениците на луѓе како Божидар Симоновски“.

Со смртта на Божидар Симоновски, Штип и Македонија изгубија исклучителен културен работник, а неговото дело и влијание ќе останат трајно врежани во колективната меморија, вели Лазарев.

Најнови вести од Македонија

To top