Во држави каде што зенитот на општата култура се одредува според успешно решен крстозбор, а интелектуалната храброст според укажувањето на партискиот лидер за погрешно закопчаното копче на неговото сако, тешко дека во наредните векови ќе се отвори вистинска дискусија за било што, а камоли за култура на поразот. Не можеме толку да чекаме. Во тој период ќе бидеме на студиско патување. Во пеколот или рајот, зависи од тоа кој за што учел. Таму ќе докторираме на најразлични теми а едната секогаш ќе биде за мистеријата на сите наши порази. И бидејќи живееме во нарцисоидна и хистерична култура, ќе поставам неколку прашања на научна и нервна база.
Што е тоа пораз? Според нашето епохално откритие, поразот е победа која некој неправедно нѝ ја одземал. Ова наше универзално правило важи за сѐ а особено за политиката. Тука редовни кривци се сите, освен нас. Човекот по име Жан Кокто полагал фискултура теоретски, заради повреда на коленото. Добил одлична оценка за одговорот: „Некои победуваат затоа што не знаат дека изгубиле“. Е не е случајно што токму тој е Жан Кокто а не е некој друг. Дечкото знае знање: „Никој не е поразен додека не почне да објаснува зошто изгубил. Најдолготрајните порази се оние што изгледаат како победи“.
Ни со победниците не е лесно. Победата е најубавиот изговор за да не се менуваш. Макар и на подобро. Еден наш дамнешен комшија што се одзива на името Платон, тој ден бил слободен и запишал: „Најтешката победа е над себеси, сите други потоа се формалност“. Бадијала арчел мастило и хартија. Оваа поговорка одамна не важи. Зошто? Денес ако не си „модерен“, одма си прост. Плус, одозгора на тога ајварот стана поскап од кавијарот! Само животот поефтинува. И сѐ додека има наведнати грбови, ќе има ножеви и коалиции. За среќа, таму има и скромни изјави: „Јас сум најпаметен, најубав и најсилен. И сето тоа јас сам сум го открил“. Така епската традиција и долгогодишната социјалистичка пропаганда за нашите „големи работни победи” (која никогаш не престанала) направи од нас ментални амали. Подгрбавени од товарот на шампионска психологија, ние поразот го доживуваме како елементарна непогода. Причини има многу но нијанси се во прашање. Ситен дожд во Килиманџаро и крупен добиток на Тибет со околните поткупени општини.
Зошто упорно се лажеме самите себе? Затоа што на поразот никогаш не му даваме легитимност на дијалектички пар со победата. Тоа е исто како да правите палачинки само со една страна. Или: ќе решите да се помирите со фактот дека сте опозиција, но само под услов да сте на власт. Поразот за нас секогаш е фабричка грешка или глупаво недоразбирање. Вакви феномени се случуваат само во земји со голем резерват на неписмени и уште поголем број на тие што негуваат хронична страст кон нечитање. Освен тие што читаат од дланка или гледаат во гравчиња. Затоа кај нас имаме политички партии кои секогаш наоѓаат милион причини за својата победа, но ниту една за својот пораз.
Дали имаме култура на поразот? Имаме. Тоа е едно забаталено ќоше во кое пируваат сенките на нашите поразени суети и грла полни со клетви, лелеци и пцовки. Секогаш упатени кон поразот – најголемата неправда која нам нѝ се случува само затоа што сме победници. За големо чудо, има и работи што не зависат од никаква политика. Не мора да тресеш јамболија баш тогаш кога комшијата на катот под тебе си шмрка кафенце а неговите внучина јадат колачиња. Не мора лудачки да возиш. Секој ќе преживее без тебе и да закасниш некоја минута. А во многу случаи и воопшто да не се појавиш. Кога ќе победат, нашите спортисти ги славиме до ниво на божества. Но кога ќе доживеат пораз, бараме за нив смртна казна или барем доживотна робија.
Како успеваат нормални поединци и народи да се соочат со горкиот вкус на поразот? Н о р м а л н о. Во таквите држави интелектуалната елита на нацијата не паѓа во митски фатализам. Тие едноставно на урнатините на својата гордост сеат нова надеж. Нормални луѓе веќе во следниот миг се подготвени да го споделат со сите својот сон и својата драма, која секогаш има два рамноправни завршетоци: победа и пораз.
Следниот пример е пример за реално и спортско однесување. Потсетување дека во светот некогаш имало и нормални политичари. Французите се големи љубители на боксот. Во 1921 година закажан е меч помеѓу нивниот миленик Жорж Карпентер и легендарниот Џек Демпси, пред крвожедната американска публика. Милиони Французи таа ноќ не спијат и ги чекаат авионите опремени со ракети кои требе да им јават за резултатот на мечот. (Лондон имал можност да следи радио пренос од спектакуларниот настан).
И кога сините ракети го распарале париското небо (како договорен сигнал за поразот) во истиот миг и француските срца биле нокаутирани! Тишината во Франција, гласно се слушнала околу рингот во Америка. Што да се прави сега? Галскиот дух нема време за јалови и маратонски дикусии. Уште следниот ден претседателот на Франција лично, напишал во весниците: „Поразот на Карпентер треба да му го простиме и да го примиме со најголема подготвеност. Тој неуспех не ја обременува нашата иднина и не му пречи на ниту еден Франзузин, како што не му пречи и на самиот Карпентер, да превземе сѐ што е потребно за реванш”.
Во истиот миг, илјадници момчиња почнале секојдневно и жестоко да удираат по кожната вреќа…
Што да се каже на крајот? Кандидирајте се за што било. Додека се открие дали сте победиле или изгубиле, вие веќе сте биле 50 отсто на власт. А во меѓувреме стигаат нови избори и нова шанса за другите 50 отсто.