Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ги усвои точките поврзани со финансиските планови и инвестиционите програми на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија (МРТ) и ќе бидат доставени до пратениците за понатамошна процедура.
Претседателот на Програмскиот совет на МРТ Давор Пашовски пред Комисијата го образложи ребалансот на финансискиот план за 2025 година, кој произлегува од кратење на буџетот за 80 милиони денари. Со измените, се врши усогласување на приходите и расходите.
Во однос на инвестициска програма, Пашовски појасни дека се планира набавка и замена на техничка опрема постара од 12 години, заради непречено емитување и усогласување со европските стандарди.
– Сега, со законски утврдено финансирање, јавниот сервис конечно има можност да реализира вакви инвестиции, нагласи Пашовски.
Со финансискиот план за 2026 година и неговата измена со пренамена на средства, беше посочено, се обезбеди континуитет во финансирањето и модернизацијата на јавниот сервис.