Македонија Чествување на горостасот

Пиреј, Дениција, Небеска Тимјановна: Македонија ќе чествува 90 години од раѓање на колосот и великан Петре М. Андреевски

Покрај најпопуларните – поетската книга „Дениција“ (1968) и романот „Пиреј“ (1980), меѓу позначајните негови дела се вбројуваат и поетските: „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999), збирката раскази „Сите лица на смртта“ (1994) и романите „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997) и „Тунел“ (2003). Автор е и на култната книга за деца „Касни – порасни“.

Пиреј, Дениција, Небеска Тимјановна: Македонија ќе чествува 90 години од раѓање на колосот и великан Петре М. Андреевски

Со настанот „Песна за неговата песна“, Културно информативниот центар – Скопје ќе ја одбележи деведесетгодишнината од раѓањето на македонскиот класик Петре М. Андреевски. На 20 ноември (среда), со почеток во 12 часот, со актерска изведба на делови од неговото творештво, книжевен разговор преку кој ќе се отворат важни прашања за неговата поезија и со проекција на архивски видео материјали, во салонот Империјал 2, сѐ ќе биде во знакот на неговиот творечки опус.

Во централниот дел на настанот, кон поетското творештво на Андреевски ќе се осврне универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, којашто важи за исклучителна познавачка на опусот на овој македонски класик, авторка на првата книга за неговата поезија, „Лицето на зборовите“, објавена пред точно дваесет години. Во разговорот што со неа ќе го води Иван Антоновски ќе се оствари обид за ново препрочитување на поезијата на Петре М. Андреевски и за согледување на некои аспекти што досега не се афирмирани пред пошироката јавност.

 

Делови од творештвото на Андреевски ќе одекнат со актерска изведба на Димитрина Мицкоска-Трајкоска, а пред присутните ќе бидат прикажани и архивски видео материјали на коишто говори самиот Андреевски.

 

Петре М. Андреевски се вбројува меѓу најдаровитите и најпопуларните македонски поети и раскажувачи на XX век, а се има пројавено и како драмски автор и есеист. Покрај најпопуларните – поетската книга „Дениција“ (1968) и романот „Пиреј“ (1980), меѓу позначајните негови дела се вбројуваат и поетските: „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999), збирката раскази „Сите лица на смртта“ (1994) и романите „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997) и „Тунел“ (2003). Автор е и на култната книга за деца „Касни – порасни“.

Најнови вести од Македонија

To top