Македонија

Пешевска: Време е Македонија да добие жена претседателка, одѕивот на граѓаните за собирање потписи за Силјановска Давкова говори дека ќе победи

Пешевска: Време е Македонија да добие жена претседателка, одѕивот на граѓаните за собирање потписи за Силјановска Давкова говори дека ќе победи

„Најпрво на сите дами, мајки, баби, сестри да им го честитам денешниот празник и нека биде среќен, но да не биде осми март само на денешен ден туку да биде секој ден во годината“, истакна Жаклина Пешевска, пратеничка и претседателка на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата на МРТ како честитка за Меѓународниот ден на жената.

„И покрај тоа што учествувам како пратеничка во носењето на закони, ние имаме навистина солидна законска рамка за унапредување на родовата еднаквост. После 2017-та, на крајот кога ја ратификувавме Истанбулската конвенција навистина имаме измени на неколку големи закони, системски закони тука е законот за заштита од дискриминација кој со консензус го донесовме, законот за заштита од насилство и превенција на насилство врз жени и девојчиња, Кривичниот законик го променивме, Стратегија донесовме од 2022 до 2027 година. Но и недостасува примената на овие закони, како и за многу други закони во нашата држава“, заклучи таа.

Пешевска додаде дека главниот проблем е неприменувањето на веќе донесените закони во Македонија.

„Бавно одиме, првиот судир во општеството е со мислењето или менталитетот дека жените треба да се само домаќинки, мајки. А, тоа е посебно за жените во политика, бидејќи поголем дел од населението смета дека не е место на жената во политиката. Но, за среќа сме имале во минатото жени кои што ги кршеле тие бариери, го трасирале нашиот пат, и ние успешно го продолжуваме и ќе останеме на тој пат“, рече Пешевска.

„Инаку во нашата партија имаме целосна слобода во делегирањето на кандидатки и за советнички и за пратенички, и со консензус ги носиме одлуките“, појасни таа.

Таа во текот на емисијата се осврна и за кандидатката за претседателка на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова при што посочи дека за првпат ВМРО-ДПМНЕ на минатите претседателски избори кандидираше жена за претседателка на државата и тоа е а секоја пофалба. И се надева дека другите партии ќе го следат тој пример.

„Од сето она што се случува сега на теренските посети наши, нашите гостувања итн. навистина имаме силна поддршка. Професорката Гордана Силјановска Давкова даде нов начин на движење на нештата, една елоквенција во елаборирањето, навистина беше посветена и како пратеничка во работењето во Собранието. Поминавме четири квалитетни години со нејзините забелешки во Собранието, буквално секој закон беше прочитан од почеток до крај“, укажа Пешевска.

Таа додаде дека по собирањето на потписите во ДИК се увиде дека граѓаните ја прифаќаат Силјановска Давкова за претседателка на Македонија.

„Оваа власт беше штетна за женските права во државата. После низа скандали, настани па и преку неимплементација на закони. Па, и во Собранието што се случуваше, од страна на премиерот, граѓаните беа сведоци на тоа. Па, и вицепремиерот кој што праќаше бакнежи до колешка. Па и нивниот сексизам кон професорката Силјановска Давкова“, потсети Пешевска.

Пешевска рече дека е време Македонија да добие жена претседателка.

To top