Македонија Сеќавање

Осум години од смртта на академик Цветан Грозданов

Неговата работа во голем дел е заснована врз теренските проучувања што ги вршел во повеќе балкански региони, пред сè во Македонија и Света Гора.

Осум години од смртта на академик Цветан Грозданов

На 82 години почина академик Цветан Грозданов, еден од најреномираните византолози на Балканот. Академик Цветан Грозданов беше редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Студирал на Филозофскиот факултет во Белград, каде што дипломирал и ја одбранил својата докторска дисертација.

Во 1985 година е избран за редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје.

Имал повеќе должности и функции во општествените тела од доменот на науката и културата, како и на Универзитетот во Скопје. Бил министер за култура во првата Влада на Република Македонија избрана од плуралистичкото Собрание (1991/92 г.).

Во изминатите три децении академик Цветан Грозданов исполнувал интензивна научно-истражувачка работа како еминентен византолог со европска репутација. Настапувал на бројни научни собири во земјата и во странство и држел предавања за средновековната уметност во повеќе градови во Југославија, во Париз, во Академијата на науките во Прага, на универзитетите во Солун, Истанбул, Рим, Неапол, Софија и др.

Во целокупниот опус на академик Цветан Грозданов е присутен интересот за проникнување во византиско-словенските културни врски, пред сè во ликовната уметност, почнувајќи од св. Кирил и Методиј и св. Климент Охридски пa сè до XIX век.

Неговата работа во голем дел е заснована врз теренските проучувања што ги вршел во повеќе балкански региони, пред сè во Македонија и Света Гора. Хронолошкиот распон на материјата што ја проучува е мошне широк и ги опфаќа спомениците од времето на св. Климент Охридски, Самоиловата држава, Охридската архиепископија до времето на Преродбата.

Најголем дел од неговиот опус се однесува на откривањето, идентификувањето и проучувањето на портретите на св. Кирил и Методиј и нивните ученици – св. Климент, св. Наум, св. Горазд, св. Сава, св. Ангелариј (познати како Седмочисленици).

За својата научна дејност академик Грозданов има добиено голем број престижни награди и одликувања во земјата и во странство. Академик Цветан Грозданов беше член на повеќе странски академии на науки и уметности и doctor honoris causa на повеќе универзитети.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите бил избран на 7 мај 1991, а за редовен член бил избран на 20 јуни 1996 година. Во периодот од 2004 до 2007 година бил претседател на Македонската академија на науките и уметности. Цветан Грозданов е роден во Охрид, на 5 март 1936 година.

Најнови вести од Македонија

To top