Македонија Тирз

Остварена средба со менаџментот на компанијата Cavo Otomotiv, плановите за инвестиција во напредна фаза

Директорот Гоце Димовски денес оствари средба со Кемал Аманоел, главен менаџер на компанијата Cavo Otomotiv која планира да отвори фабрика во рамките на ТИРЗ Тетово. На средбата се разговараше за текот на инвестицискиот проект кој би требало да отвори над 400 нови работни места, потенцијалите кои ги нудат зоните, како и условите и поддршката што државата ги обезбедува за инвеститорите.

Остварена средба со менаџментот на компанијата Cavo Otomotiv, плановите за инвестиција во напредна фаза

Директорот Димовски посочи дека ваквите инвестициски проекти се од особено значење за целата национална економија, земајќи предвид дека истите придонесуваат за економскиот раст, зголемување на извозот и отворање нови работни места. Тој истакна дека државата преку ТИРЗ зоните обезбедува стабилна и предвидлива бизнис клима, како и целосна институционална поддршка за успешна реализација на инвестициите.

Од страна на компанијата Cavo Otomotiv беше изразено задоволство од досегашната комуникација и соработката со институциите, како и интерес за навремена реализација на инвестицијата. Главниот менаџер Кемал Аманоел истакна дека компанијата ја препознава Македонија како стабилна и конкурентна дестинација за долгорочни инвестиции, со квалификувана работна сила и поволна геостратешка позиција.

По започнување на иницијалните разговори за потенцијална инвестиција во март минатата година, проектот за оваа инвестиција е во напредна фаза, при што интензивно се работи на финализирање на сите предуслови за негова реализација. Инаку, мултинационалната корпорација Cavo Otomotiv работи во индустријата за автомобилска опрема, дизајнира и произведува безбедносни производи, како и разни механизми и оперативни кабли за многу водечки производители на автомобили. Компанијата освен во Турција, моментално е присутна и во Канада, Германија и Словачка, а потенцијалната инвестиција во рамки на ТИРЗ ќе има клучно значење како за Македонија, така и за Европа.

Најнови вести од Македонија

Теми на денот

To top