Кога пред неколку месеци објавив колумна дека со воведувањето на новиот закон за сообраќајот ќе „сечеме вени“, употребив колоквијален израз за да се доближам до реалното разбирање на нашиот човек на новото. Ние имаме проблем кога е во прашање почитување на законите, иако и начинот и процедурите како се носат тие не се на потребното ниво. Бидејќи сум живеел во западни земји каде што камерите одамна се во функција и каде што луѓето се тресат кога седнуваат зад воланот, јасно ми беше како ќе реагира нашиот просечен возач со натпросечен порив да оди над црвените линии. Во општество каде што е создадена (не)култура на возење уште од социјализмот, при што сите возат агресивно и се главни кога се зад воланот, тешко е да ги натераш да го направат цивилизацискиот скок кон подобро. И ова е само првиот чекор, а првиот е најдолг, последниот ќе биде најважен, зашто по неколку години ќе можеме да кажеме дека сме создале нова сообраќајна култура, која сигурно ќе има рефлексии и на други области, пишува Христо Ивановски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Дури и видни личности, па и професори од областа на правната материја, како што е на пример Гордан Калајџиев, изразија негодување за „Безбеден град“. Дури Гордан напиша дека се чувствува како низ Скопје да го следи Големиот брат. Не згрешил. Го следи. И мене ме следи, сите нѐ следи. Ама во право ќе биде ако кажеме дека не се само камерите на „Сејф сити“, зашто нѐ следат и преку проклетите мобилни телефони, нѐ следат и ни ѕиркаат во спалните и преку паметните телевизори. Ова е свет каде што сите се следени. И плаќаме за тоа. Ни ги следат банкарските конта, платите, хонорарите, кредитите, нашите стилови на облекување… Ако не сакаш да бидеш следен, тогаш ќе мора да станеш невидлив за јавноста. Еве еден можен избор, исчезни некаде.
Ова е едното ниво на анализа на камерите што ќе нѐ следат и добро е што се поставија камери, затоа што сите, апсолутно сите го плаќаме сообраќајното дивеење. Ако ова не го видовме, тоа е повеќе од жално. Дали за тоа беше виновна државата? Секако, затоа што таа не најде механизми да ја смени нашата општа некултура и стана соучесник во злосторството. По дефиниција тоа е корумпирана држава. Држава што носи закони, а самата не ги почитува, со тоа што не обезбедила владеење на законите, односно на правото, е коруптивна. Ова беше една игра меѓу мачка и глушец и мене ми е јасно дека овој наш порив да не ги почитуваме законите и секогаш да бараме кривини, освен кога ќе ни дојде јајцето на газот, а секако дека еден ден ќе се соочиме и со таква ситуација, е немањето заштитник во државата. Овој социолошки синдром, според мене, влече корени уште од отоманско време и како таков тој отомански вирус е пренесен во нови форми и во социјализмот и сега во овој феудален македонски капитализам. Овој обид на сегашната влада да го сврти листот е убав и надежен почеток за создавање нови односи меѓу државата и поединецот.
Тука ставам точка за да им дадам простор на феномените, па со самото вклучување на камерите за безбеден град се вклучија и неколку црвени ламби. Аларм. Имаме општествени проблеми. Имаме дупки во општеството и различно толкување на една иста работа. Еден куп интелектуалци се бунат против Големиот брат, при што делумно се во право, но нашето и кое било друго не е идеално и во него нема ниту идеални односи, ниту пак идеални граѓани. Идеална држава не постои, па затоа и не се оставаат односите и релациите во општествата да се одвиваат по принцип на саморегулација? Далеку сме ние од тоа, а модерните учења веќе не ни зборуваат за утописки свет, туку за дистопија. Значи страв, ужас, несигурност. Затоа и ќе има построги и построги регулации, а нас повозрасните, кои ги проживеале во среќа и добар рок („кога сексот беше валкан, а воздухот чист“) 80. години, сега дефинитивно ќе нѐ прегази времето. Не сме биле скроени за овој нов свет (В. Андоновски), но можеме да дадеме понекој добар совет.
Вториот напад дојде од неколку лидери на Албанците, кои видоа дискриминација во софтверот, но не само јазична. Тука веројатно има некоја премиса, а можеби и предрасуда дека дискриминацијата произлегува од тоа што владее уверување дека Албанците прават најмногу прекршоци?! Ако статистички тоа е точно, тогаш и „Сејф сити“ ќе даде одговори за да се направат планови за дејствување. Никој не сака да настрада возејќи автомобил, велосипед или тротинет!
Најгласни и најжестоки во реакциите се Ромите. Верувам дека за многу граѓани нивните изјави јавно на камери, како и протестите низ земјава, беа шокирачки, затоа што сигурно не знаеле дека еден голем процент од нив немале возачки дозволи. Немале ни платено осигурување, што автоматски ги прави опасни во сообраќајот. Имаат автомобили, но не и возачки. Зошто? Која е причината? Дали само затоа што немале пари за возачки испит или годините на удобно живеење во Македонија и неказнивост создадоа една популација да си живее во својот свет на вредности и разбирања. Кога „Сејф сити“ влезе во нивниот свет, тие се кренаа. Најавуваат тепачки, бараат и помош. Ова воопшто не е едноставен проблем и се отвори една од македонските црни дупки. Ако некој мисли дека Ромите се заборавени, тогаш тој не е добро информиран, затоа што тоа не е сосема точно. Постојат владини планови и програми во рамките на Декадата на Ромите, па и пошироко, за нивна интеграција во општеството, но работите не одат најдобро. Се пробаа порано и Германците, им изградија домови на Ромите, кои беа репатрирани со специјални авиони од Германија до Шутка, но тој проект за кусо време пропадна. Водата секогаш сакала да се враќа на старото корито.
Ќе наведам еден пример од моето детство, кога се преселивме од Ѓорче во Влае, значи по земјотресот. Тогаш се населија и луѓе од селата, па со нив си ги донесоа кокошките, некои прасињата, а имаше и понекоја крава или коза. Нема да верувате, ама ние како деца сме гледале како свињи се колат на улица каде што потоа игравме фудбал на мали голчиња. Ужас! Но стигна наредба сето тоа да се уништи, затоа што со закон се забрани. И така бидна. Пред некој ден возев низ ромското маало карши американската амбасада и се шокирав кога видов до каде отишле нашите комшии – речиси во сите дворови купишта ѓубре, гуми за палење, ќумбиња во кои се топат некои материјали. Велат од тоа живеат, тоа им носи приходи. Еве можност за владините служби да им понуди други можности за заработка. Нека ги учат да одгледуваат зеленчук, да учат занаети, така ќе имаат повеќе. Ако мене државата со еден закон ми ги уништи кокошките, нормално е секој да мисли дека законот важи за сите. Таму не важи, односно државата ја нема. Важат ли законите за сите или ќе симулираме држава? Ова е глобално прашање, затоа што дури и земји како Германија или Франција и Америка си го поставуваат истото прашање – важат ли законите за сите! Притоа се истакнува проблемот со имигрантите, а знаеме што се крие зад тоа – и културни разлики, верски, непочитување на домицилното законодавство недоволно познавање на јазикот на државата во која се населиле.
Државата треба да ги чуе нивните поплаки, иако нема никаков аргумент барањето и понатаму да возат без дозволи, зашто тоа е повик за бунт без оправданост, но нивните поплаки се заеднички.
Не се само Ромите тие што немаат доволно средства за да уплатат возачки, иако секој ќе се праша – ако имал пари за автомобил, како нема за возачки? Скапо е, прескапо, многу е едноставен одговорот. Зошто не се поевтини полагањето возачки испит? Зарем мораш да бидеш писмен за да имаш возачка? Дајте им можност на сите што се здравоспособни да можат да се стекнат со возачка. Сега не е момент да прашувам зошто досега спиела државата, јасно е дека заспала, но моментот е да кажеме дека сега треба да им се пристапи на тие групи и да се најде решение. Фрапантно звучи колку ромски дечиња не одат на училишта, а можат да се образоваат и на нивен мајчин јазик. Зарем единственото школо ќе им биде покрај некој семафор питајќи притоа дишејќи лепак?! Да потсетам дека нервозата порасна пред 2001 година, кога во некои албански средени полицијата не смееше да оди, а сега ова го бараат некои ромски групи. Тие не сакаат некој да им шета низ дворовите и да гледа што прават. „Сејф сити“ ја отвори таа капија и сега нема враќање на старото, тука треба да се оди кон нов начин на живеење. Во спротивно, ако државата не го спроведе законот на целата територија, тогаш таа го повикува Хантингтон и создава совршен терен за војна на различни „цивилизации“.
Ни доаѓа период и за приспособување на новиот закон за пушење, што само по себе е уште еден тест и на државата и на општеството. Ако ова не ни успее, јас јавно прашувам – дали концептот на солидарност треба и натаму да функционира како една наша уставна и темелна вредност. Едни да плаќаат за други да имаат право на школство или здравствена заштита, но токму тие што ги уживаат благодатите на солидарноста да се закануваат и да го рушат заедничкиот систем.
Законите мора да важат за сите, „Сејф сити“ треба да функционира, а дупките што се појавија отворија нов сериозен предизвик за Владата. Нека ги растресе социјалните служби, нека го оживее системот, поддршка секако ќе има, па дури и од тие што сега се закануваат со бунт, палења и кршења на заедничкиот имот.
Христо Ивановски за НОВА МАКЕДОНИЈА
