Амандмани од опозицијата за обезбедување финансии од новиот државн буџет за изградба и обнова на локални патишта, обиколници и автопати, беа во фокусот на попладневната дебата во собраниската Комисија за финансирање и буџет во рамки на амандманската расправа за Предлог буџетот за 2024 година.
Опозициските пратеници посочија дека има многу патишта кои, како што истакнаа, се небезбедни, и порачаа дека се потребни итни реконструкции.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Мирче Аџиоски оцени дека власта во изминатиот период немала реализација на капитални инвестиции.
-Имате слаба релаизација на капиталните инвестиции, а од друга страна три години по ред буџетскиот дефицит за оваа година го правдате исто како и претходната година дека имате златно правило во кое капиталните расходи ви биле повисоки од буџетскиот дефицит за при првиот ребаланс да видиме кратење на овие капитални инвестиции, рече Аџиоски.
Додаде дека задолжувањето се зголемувало постојано и растело, истакнувајќи дека иако државава е презадолжена донесени се нови закони за задолжување.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, исто така предложија амандман кој се однесуваше на патниот правец Битола – Демир Хисар –Кичево, обвинувајќи дека е небезбеден.
Пратеничката на СДСМ Марија Кочовска, реагираше дека на тој патен правец изминатиот период имало реализација.
– За разлика од предлагачите кои имаа 10 години да направат нешто за овој пат, сега има рализација. Имаме рехабилитација на патниот правец и во 2020 има реализација во должина од 12 километри, дополнително во следниот период се очекуваат активности на останатиот дел од патниот правец, посочи Кочовска.
Во реплика пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски оцени дека патот се наоѓа во „очајна состојба“.
-Реалноста на терен го демантира ова, кој не верува може денес или утре да се упати од Битола во правец на Кичево и ќе се увери дека патот е во очајна состојба. Жално е што за овој патен правец Владата не сака да оддели четири милиони евра за да биде реконструиран кога Владата веќе плати 200 милиони евра на Бехтел и Енка за 0 километри автопат, рече Милошоски.
Од опозицијата помеѓу другото беше предложен и амандман за распределба на средства во висина од 200 милиони денари за започнување на изградба на експресен пат од Струмица до границата со Бугарија.
-Низ оваа делница, се движат многу тешки возила и голем број превозни средства во некои моменти и над 13 илјади возила во еден ден, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Дајанчо Ефтимов.
Претниците од СДСМ посочија дека изминатиот период имало реалзизација на многу локални проекти преку кои се вложувало и во патната инфраструктура во населените места.
Амандманската расправа во Комисијата за финансирање и буџет продолжува со работа утре.