Македонија Предмет на обвинение е лекувањето на вкупно 47 пациенти

„Онкологија“: Вештакот од Србија укажува на пропусти во лекувањето и недоволно следење на пациентите

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. 

„Онкологија“: Вештакот од Србија укажува на пропусти во лекувањето и недоволно следење на пациентите

Вештакот Давор Радославевиќ од Србија денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, одговараше на вкрстени прашања на одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти. Тој при тоа укажа на пропусти во лекувањето и недоволно следење на пациентите, додека одбраната тврдеше дека не му била доставена целосната документација.

Радославевиќ, кој го работел медицинското вештачење за Обвинителството, на денешното рочиште за случајот „Онкологија 1“, одговараше на вкрстени прашања од првообвинетиот Нино Васев и неговите бранители, кои беа во насока на тоа дали и со кои испитувања и анализи за конкретни пациентите пред да бидат примени на Клиниката и во текот на нивното лекување на Клиниката, располагал при вештачењето.

Предмет на обвинение е лекувањето на вкупно 47 пациенти, додека српското вештачење се однесува на медицинската документација за 16 пациенти, од кои 14 се предмет на обвинение.

Вештакот на претходните две рочишта неделава беше директно испрашан од Обвинителството за неговиот вешт наод и мислење, а денеска и утре одговара на вкрстени прашања од одбраната.

Радославевиќ, во своето вештачење, констатира дека пациентите “биле неправилно лекувани и дека нивната здравствена состојба била влошена и со тоа нивниот животен век бил скратен”, дека редоследот на терапиите на пациентите не биле почитувани и соодветно водени и оти „од 16 анализирани пациенти само кај еден имало психопатолошки наод, кај неколку имало наоди од молекуларна патологија” и дека останатите ноади не биле редовно и структурно правени.

Одбраната, пак, тврди дека и на овој, исто како и вештакот од Словенија, не му била доставена целосната документација и при вештачењето воопшто не ги имале предвид македонските упатства за лекување онколошки пациенти.

На прашање од одбраната дека вештакот во својот исказ рекол оти “од 16 пациенти анализирани само кај еден имало психопатолошки наод, кај неколку имало наоди од молекуларна патологија и немало КТ и други наоди.” и дали може да се заклучи дека без овие клучни докази е отежната проверкара на поставената дијагноза и терапија – вештакот рече дека пациенти кои активно примаат онколошка терапија треба да бидат сооветно следени и само на тој начин може да се следи ефектот на лекувањето и должината.

– Сите пациенти имаа еден или повеќе КТ наоди. Ова мора да е погрешно запишано. Никогаш не би рекол дека никој од пациентите немал КТ наоди. Во извештаите се споменуваат повеќе КТ наоди, но и претходно кажав не било тоа правено систематски и заведувано соодветно и редовно за сите пациенти во текот на нивното лекување – рече вештакот.

На прашање дали оценување на правилноста на медицинска постапка врз основа на сознанија кои не можеле да бидат познати во моментот на лекување претставува експост медицинска евалуација, вештакот рече дека „нема да се впушта во теоретски постапки“, но појасни:

-Онколошките пациенти кои се метастатски, најчесто како што се гледа од приложената документација немаат продолжен живот и затоа оваа постапка која подразбира нередовни вонредни околности за одлучување, не може да биде основ за одлучување во редовно работење, поготово во терцијална онколошка установа. Значи, ако работеле луѓето и апаратите, тогаш одлучувањето е редовно согласно правилата и прописите – изјави вештакот.

Прашан дали проценката на лекувањето не може да се базира само врз исходот, туку мора да се цени дали одлуката на лекарот е соодветна на тоа што тогаш му била позната на лекарот, вештакот рече дека тој „и во писмениот извештај и во усните одговори, настојував да направам врска меѓу причините и извештаите и влезам во рационалноста на тераписката постапка“.

-Првенствено, воопшто го немав предвид исходот за конкретните пациенти и за ова детално одговорив – рече сведокот.

Прашан дали во своето вештачење за повеќе пациенти наведува дека “биле неправилно лекувани и дека нивната здравствена состојба била влошена и со тоа нивниот животен век бил скратен”, вештакот рече „да“.

Во однос на неговото тврдење дека редоследот на терапиите на пациентите не биле почитувани, и прашан дали „ќе се согласите дека водичите ЕСМО и ЕЦЦ не предвидуваат задолжителни терапевтски линии од кои не може да се отстапи, туку само предлагаат повеќе терапевтски линии кои лекарот ги избира за секој пациент“, вештакот рече ЕСМО препорачува, но не налага еден или повеќе лекови или комбинации, но најчесто за прва, втора и во подоцнежните линии на лекување.

-Јас навистина се водев кон таквите препораки и укажував на недоследности на примена на ЕСМО само таму каде што беа во расчекор со препорачаните линии на лекување – рече вештакот.

Во однос на неговото исказ дека „во документацијата не ви бил даден ЕЦОГ статус, коморбидитети, токсичноста, одговор на терпаија и слично за секој пациент посебно“, вештакот рече дека дека „навистина за ниту еден пациент не видов перформанс статус, означен со бројки за што веќе зборував“.

-Во документацијата не можам да наведам пример за придружни болести, а како редок пример за воочена токсичност наведувам кај пациентка која по примена хемотерапија имала афти во устата и се советува намалување на дозата – рече вештакот.

На почетокот на денешното рочиште вкрстени прашања поставуваше и првообвинетиот Васев, кои повеќе се однесуваа на конкретни пациенти и дали при вештачење на медицинската документација за некој пацинет вештакот имал во предвид одредени наоди и мислења и дали можеби во тој случај препишаните терапии би биле соодветни и оправдани.

Прашан за пациент со карцином на бели дробови, дали при вештачењето имал наод од лабораторија-диопсија од 2017 година, вештакот рече дека во документацијата на српски јазик немал таков наод.

-Реков дека не видов оригинален наод кога пациентот бил лекуван од карцином на бели дробови, а по втората операција на штитна жлезда во документацијата постои ХП наод кој го видов во целина и кој говори за слабодиференциран спамозен тип карцином, изјави вештакот.

На укажување од Васев дека користените лекови биле одобрени од американската ФДА, вештакот рече дека ФДА е одговорна за регистрација на лекови во САД, а Европската агенција за лекови е одговорна за Европските и затоа тој и во анализата и во одговарањето на прашањата се фокусирал на индикациите кои се однесуваат на европските држави.

-Зборував за меѓународните препораки, но добро е секоја земја да има и свои национални препораки – изјави вештакот.

По неколку прашања што се однесуваа на препишаните лекови и нивните дози, односно дали тие биле согласно одредени меѓународни препораки и слично, вештакот рече дека “сето она што денеска го зборуваме било актуелно пред 15 години, денеска повеќе не”.

-Зборуваме овде за клиничка пракса и сите знаат дека оваа 15 години стара пракса е надмината и целата примена на хемотерапија е надмината и дека примена без позната мутација денеска е повеќе логистички проблем, отколку биолошка категорија, бидејќи сите пациенти со карцином во европските онколошки центри треба пред почеток на лекување да се тестираат на ЕГФР – рече сведокот.

Вештакот нагласи дека анализирал документацијата на терцијалната клиника, а станува збор за водечка во својата област во Македонија и за претпоставка имал дека раковотството и лекарите обезбедиле елементарен наод за лекување пациенти со метастатски карцином.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Марија Ѓорѓева од ОЈО Скопје, откако обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска минатата недела беше избрана во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти.

Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина и судот ја осуди на две години условна казна затвор.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај вкупно 47 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службената положба и за проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.  (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top