Македонија Интервју за МИА

О’Брајан: Барањето друг пат, освен европскиот ќе го успори напредокот на земјата кон ЕУ

„Има еден пат што е означен, тој е контроверзен, и секој граѓанин треба да донесе сопствена одлука. И постои пат што не е опишан и реално е прашањето дали воопшто постои или само претставува погоден начин за да се избегне да се каже дека всушност нема пат“.

О’Брајан: Барањето друг пат, освен европскиот ќе го успори напредокот на земјата кон ЕУ

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан во интервју за МИА изразува уверување дека истиот дух на единство кој, како што вели, го покажала Европската Унија на декемврискиот самит, кога беше донесена одлука за почеток на преговори со Украина ќе преовлада и во однос на препреките со кои се соочуваат земјите во регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Тој потенцира дека претстојните двојни избори се јасен избор помеѓу луѓе кои имаат пат кон Европа и луѓе чие минато покажува дека не се заинтересирани за пристапување во ЕУ.

-Примерот со одлуката за Украина го покажува единството во Европската Унија околу проширувањето. Ова единство недостигаше веќе некое време, но сега постои заложба и признание дека сега е моментот за тоа. Сметам дека истиот дух ќе преовлада и во однос на некои од пречките за секоја поединечна земја, вклучително и Северна Македонија, која презеде храбри чекори, го промени името и Уставот во еден наврат, сега се соочува со уште едно барање, но фокусот на европските политики и геополитиката е сите земји да бидат дел од ЕУ. И повторно, затоа се важни овие избори. Доколку луѓето продолжат по патот на кој се наоѓаат, јас сум уверен дека процесот ќе се движи напред во следните неколку години. Доколку се потрошат годините барајќи друг пат, тоа мислам дека ќе го успори напредокот на земјата кон Европа, изјави О’Брајан.

Говорејќи за уставните измени и за извесноста дека тие нема да бидат донесени во актуелниот состав, но и ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека не прифаќа бугарски диктат и оти откако ќе дојде на власт ќе бара решение за евроинтеграциите, американскиот дипломат вели дека во претстојните процеси е особено важно сите да земат учество и да ги кажат своите ставови.

-Затоа е особено важно сите да земат учество и јасно да ги искажат своите ставови. Како што кажав во текот на мојата претходна посета во ноември, важно е да се прашаат кандидатите каков им е планот за во иднина. Има еден пат што е означен, тој е контроверзен, и секој граѓанин треба да донесе сопствена одлука. И постои пат што не е опишан и реално е прашањето дали воопшто постои или само претставува погоден начин за да се избегне да се каже дека всушност нема пат, вели О’Брајан.

Во врска со посетата на лидерите на трите албански опозициски партии, кои се дел од „Европскиот сојуз за промени“, Гаши, Касами и Меџити, на САД токму пред престојните избори, О’Брајан не даде конкретен одговор, но напомена дека колку е пофрагментиран политичкиот простор, толку понејасна ќе биде пораката.

-Сепак, ова е одлука што треба да ја донесат политичарите и граѓаните, додаде О’Брајан.

Во продолжение следува целото интервју со американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан:

Повторно сте во Северна Македонија, по Самитот на ОБСЕ, сега на лидерскиот состанок за Планот за раст на Западен Балкан. Планот беше претставен од ЕК кон крајот на минатата година како начин за поголема интеграција на регионот со ЕУ, со акцент на регионалната економска интеграција, преку заеднички регионален пазар. Колку според вас овој план ќе биде ефикасен?

– Сметам дека Планот претставува огромна можност за регионот. Тој нуди пристап до единствениот пазар во замена за реформи и тие реформи треба да ја отворат економијата, треба да ѝ овозможат на Северна Македонија и нејзините граѓани да учествуваат во инвестициски проекти и економски активности во целиот регион, односно се работи за четирите слободи – луѓе, услуги, стоки и капитал – што треба да се движат низ регионот и ова е многу добро за Северна Македонија. Она за што ќе дискутираме е какви реформи и кои проекти ќе произлезат најпрво, и тоа е навистина добар чекор напред за регионот. Ова ќе изискува одредено финансирање, секако кога ќе биде одобрено од страна на ЕУ, но уште поважно е секоја компанија да може да учествува на единствениот пазар на ЕУ, под претпоставка дека владата е во можност да ги спроведе реформите што се потребни за да го овозможи тоа.

Колку иницијативата Отворен Балкан, која ги вклучува Северна Македонија, Албанија и Србија го оправдува своето дејствување имајќи предвид дека во неа не се сите земји од регионот, а ЕУ бара интегриран регионален пазар?

– Сите овие програми – Отворен Балкан, мини-Шенген, Берлински процес – сите одат во иста насока, односно луѓето да можат да се движат, да работат, да тргуваат, да учествуваат во проекти низ целиот регион. Спроведувањето на кој било проект, дали е тоа учество во единствен пазар со 27 земји или Берлинскиот процес со шест држави, секогаш се почнува со една или две. Отворен Балкан е начин за спроведување на заложбите за соработка со секого, и затоа потребно е да се оди чекор по чекор сè додека сите се вклучат.

Не поминаа уставните измени во овој состав, а на македонската политичка сцена се издвои европски фронт од една страна и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која нагласува дека е про ЕУ, но не под бугарски диктат и оти по доаѓање на власт ќе бараат решение како понатаму да се продолжи европската интеграција. Како гледате на оваа состојба?

– Сметам дека изборите претставуваат јасен избор помеѓу луѓе кои имаат пат кон Европа и луѓе чие минато покажува дека не се заинтересирани за пристапување во ЕУ. Затоа е особено важно сите да земат учество и јасно да ги искажат своите ставови. Како што кажав во текот на мојата претходна посета во ноември, важно е да се прашаат кандидатите каков им е планот за во иднина. Има еден пат што е означен, тој е контроверзен, и секој граѓанин треба да донесе сопствена одлука. И постои пат што не е опишан и реално е прашањето дали воопшто постои или само претставува погоден начин за да се избегне да се каже дека всушност нема пат.

И ЕУ не испадна доследна во спроведувањето на ветувањата. Македонија го промени името, влезе во НАТО, но не и во ЕУ, уставните измени не се перцепираат како суштинско прашање, за граѓаните поважно е да видат дека државата има систем кој се бори против корупција, против партизација на општеството, непотизмот, кронизмот, сакаат да видат економска благосостојба и некако се намалува интересот за ЕУ. На што се должи ова според вас и каде го гледате излезот?

– Сметам дека важно е да има влада која испорачува резултати за своите граѓани. Дискусијата околу Планот за развој со сите шест земји се фокусира на тоа како да се постигне ова. Тоа е добра пракса, потребно е време, и тоа предизвикува фрустрации кај луѓето кои сакаат брзи одговори. Патот кон ЕУ е бавен но се исплатува, и ние знаеме дека ќе биде добар за граѓаните на Северна Македонија. САД силно го поддржува овој пат и исто така високо ја цениме Северна Македонија како сојузник во НАТО, каде имате многу ефективен амбасадор. Прекрасно е што Северна Македонија е дел од Алијансата и ние знаеме дека како што се движите напред во процесот на ЕУ интеграција и придобивките од тоа стануваат уште поочигледни, тогаш и улогата што ќе ја игра земјата во помагањето на Европа да се движи напред исто така ќе претставува извор на гордост за Северна Македонија и нејзините граѓани.

САД се силен поддржувач на ЕУ интеграцијата. На последниот Самит на ЕУ, Украина и Молдавија добија одлука за почеток на преговори, иако Унгарија претходно најавуваше, вето но геополитиката го принуди Орбан да испие кафе надвор од салата и одлуката да биде донесена. Зарем актуелните геополитички случувања, војната во Украина, војната на Блискиот Исток, не се причина и за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија и на регионот во целина, дали одложувањето на процесот има безбедносни и демократски ризици и остава повеќе простор за евроазиски влијанија?

– Војната во Украина покажува дека нерешените прашања може да станат извори на конфликт и дека сивата зона ќе бидат искористени од страна на опортунисти и оние кои ветуваат едноставни одговори, во случајот со Украина од некој кој има намера повторно да создава империја. Така, овој момент е време кога Европа може повторно да се посвети на интеграција на сите овие територии што се некако оставени скоро во Европа но не целосно. Охрабрувачки е тоа што ЕУ го презеде чекорот да покани девет држави на пристапниот пат, секако во различни фази согласно нивниот развој, и овој процес сега се придвижува напред. Примерот со одлуката за Украина го покажува единството во Европската унија околу проширувањето. Ова единство недостасуваше веќе некое време, но сега постои заложба и признание дека сега е моментот за тоа. Сметам дека истиот дух ќе преовлада и во однос на некои од пречките за секоја поединечна земја, вклучително и Северна Македонија, која презеде храбри чекори, го промени името и уставот во еден наврат, сега се соочува со уште едно барање, но фокусот на европските политики и геополитиката е сите земји да бидат дел од ЕУ. И повторно, затоа се важни овие избори. Доколку луѓето продолжат по патот на кој се наоѓаат, јас сум уверен дека процесот ќе се движи напред во следните неколку години. Доколку се потрошат годините барајќи друг пат, тоа мислам дека ќе го успори напредокот на земјата кон Европа.

Ги споменувате изборите, на овие избори новина е посилна опозиција кај Албанците, здружени во коалицијата „Европски сојуз за промени“. Деновиве Гаши, Касами и Меџити беа во САД, кои се ветувањата од двете страни и која беше целта на посетата?

– Тука сум за состаноци со властите. Мојот поранешен шеф знаеше да каже дека како дипломат, сите мои партиски и политички инстинкти се бришат во тој период, па така не би сакал да давам совети. Како човек кој се грижи за интересите на САД во регионот, можам да кажам дека е важно граѓаните на Северна Македонија да имаат можност да дадат јасен глас околу нивната континуирана посветеност на патот кон Европа. Сметам дека колку повеќе е фрагментиран политичкиот простор, толку понејасна ќе биде пораката. Сепак, ова е одлука што треба да ја донесат политичарите и граѓаните.

Корупцијата е главна карактеристика на посткомунистичките земји. Северна Македонија и Западен Балкан се присутни на црните листи. Колку црните листи се излезно решение, имале ли досега некаков ефект, на пример во други земји, кај нас некои од оние кои се на црната листа без проблем си продолжија со извршување на функциите?

-Тие се само дел од решението. Важно е јавните добра да бидат достапни за сите, да има еднаква правда за сите, а не имунитет за некои и гонење на други, како и да нема фаворизирање при, на пример, доделување на тендери. Ова бара сосема нов пристап во многу владини процеси и изискува време. И во мојата земја беше потребно многу време за ова, но веќе сите ги гледаме реалните придобивки од водењето на такви политики. Санкциите и црните листи се само еден делче но истите се ефективни само ако станат дел од поширока промена во системот. Тоа е еден од аспектите што ќе го дискутираме и овде. (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top