Македонија

Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески даде свечена изјава

Савески ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.

Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески даде свечена изјава

Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески денеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Во изјава за медимуте по средбата со Гаши, Савески се заблагодари за изборот и истакна дека му е познат обвинителскиот систем и оти очекува заедно со сите јавни обвинители добро да си ја вршат својата работа и да ги задоволат очекувањата на граѓаните.

Собранието, вчера, со 66 гласа „за“ го избра Савески за нов државен јавен обвинител.

Савески ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.

Во согласност со Законот за Јавното обвинителство, член 63, мандатот на државниот обвинител е шест години, со право на повторен избор.

Савески, кој досега беше судија во Основниот кривичен суд – Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март. Во постапката за избор, покрај Савески, позитивно мислење од Советот на јавните обвинители добија и сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.

Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки – казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.

Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески, наведено е дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД.

Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка.

Од академската кариера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право.

Тој е автор и коавтор на трудови за посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации.

Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.

Најнови вести од Македонија

To top