Народната банка овозможи нова веб-апликација „Споредба на податоците од банките и штедилниците за кредити и депозити за физички лица“, современа дигитална алатка наменета за сите граѓани кои сакаат лесно да ги споредат понудите на банките и штедилниците во земјава врз основа на транспарентни информации.
Апликацијата овозможува брз и прегледен увид во каматните стапки и другите важни услови под кои се нудат кредитите и депозитите, со цел граѓаните да можат да донесат финансиска одлука заснована на информации и според нивните лични потреби и можности.
Преку едноставна алатка, корисниците можат да избираат вид на кредит или депозит, да ги споредуваат каматните стапки и надоместоците, да применуваат филтри според типот на производот, износот, рокот, каматните стапки, како и да добијат основни, но релевантни информации за секој финансиски производ на едно место.
Со воведувањето на оваа веб-апликација, Народната банка обезбедува нов, модерен и практичен начин за споредување на понудите на финансиските институции, со што директно придонесува кон зголемување на транспарентноста, јакнење на финансиската писменост и финансиската информираност.
Податоците за кредитите и депозитите ги доставуваат банките и штедилниците и тие се одговорни за нивната точност и за редовното ажурирање.
Народната банка, во рамките на својата улога, и во иднина ќе биде посветена на унапредувањето на транспарентноста, заштитата на потрошувачите, финансиската едукација и довербата во финансискиот систем, преку дигитални решенија во интерес на граѓаните.
Оваа веб-апликација е поддржана од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ ДФ) и е изработенa со финансиска помош од Европската Унија.