„Со Али Ахмети е исклучена секаква соработка во било која варијанта, во било која форма, на било кој начин нема да има соработка со Али Ахмети. Ние сме многу сериозни дека ДУИ ќе оди во опозиција, јас сум свесен дека до првиот круг најголем дел од политичката елита и дел од граѓаните во Македонија мислеа дека блефираме и дека го правиме тоа за политички поени. Свесен сум дека во овој момент има граѓани кои сеуште мислат дека ова го правиме како политичка игра, но ние ова ќе го реализираме и нашата поддршка после изборите ќе расте затоа што ќе видат дека го држиме зборот како што го одржавме дека нема да има измени на Уставот под бугарски диктат и немаше“, истакна потпретседателот и носител во ИЕ 4 од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во гостување во емисијата „Еспресо со Златев и Боцевски“ на радио Лидер.
Николоски продолжи и додаде дека завчера во Струмица имало огромна енергија и најави дека разликата во Струмица ќе е поголема.
„Завчера на 30ти имавме прекрасен митинг во Струмица, огромна енергија и еве да најавам оттука, во првиот круг разликата беше 2,800 гласа разлика, а во вториот круг и за претседателски и за парламентарни ќе е поголема од 2,800 гласа“, вели Николоски.
Николоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ очекува на парламентарните избори да е над 400,000 гласа и додаде дека Силјановска Давкова ќе оди над 450,000 гласа.
„Реално е да се очекува да на парламентарните избори да сме над 400,000 гласа. Прво тоа ќе е резултат освоен од опозиција, второ од најтешка опозиција било која политичка структура што ја имало во државава и трето на различен попис. Ние до овој попис мислевме дека имаме два милиони и сто илјади жители, но овој попис ни покажа дека имаме еден милион и осумсто илјади жители“, истакна Николоски.
Николоски потенцираше дека гласачите кои гласале за дел кандидати за кои мислеле дека се опозициски сега се свестуваат дека се лажни опозициски кандидати и сега ќе гласаат за правиот опозициски кандидат тоа е Гордана Силјановска Давкова.