Министерката за одбрана, Славјанка Петровска во интервју за МИА вели дека немаме зголемена безбедносна закана за да го враќаме служењето на воениот рок.
Кога зборуваме за враќање, можност за враќање на воениот рок, треба да знаеме кои се последиците или предизвиците можеби со кои би се соочувале како држава. Прво и првенствено немаме зголемена безбедносна закана за да го враќаме служењето на воениот рок. Меѓутоа и не само од аспект на закана, тоа ќе значи вложување на многу дополнителни финансиски средства и што е уште поважно тоа ќе значи дека на сите оние коишто ќе наполнат 18 години, ако тој биде задолжителен како што се размислувањата, идеите…, младите од 18 години нема да можат да бидат активни на пазарот на труд во тој период, ниту пак да го продолжат навремено образовниот процес. Така што тоа се во денешно време, кога знаете како младите жедни би рекла или да научат нешто повеќе или да заработат, прекратувањето или одлагањето на тоа нивно право мислам дека повеќе ќе биде на штета не само на нив, туку и на државата, изјави Петровска.
Министерката вели дека сегашниот закон предвидува доброволно служење но интересот кај младите е многу мал.
Сега нашиот Закон препознава можност за доброволно служење. Верувајте дека интересот е многу мал. На едно пријавување дали има дури едвај некогаш и петмина кандидати пријавени. Така што, воопшто расположението очигледно во нашата држава дека нема расположение помеѓу младите, а велам дека нема ни оправданост од аспект на Министерството за одбрана.Дополнително што ние како Армија и Министерство, веќе во процедура го пуштивме концептот за резервен состав на армиските сили. Така што, можам да кажам, дека тој дел ни е совршено покриен. Особено исто така е многу важно да се спомене сега веќе деновиве го завршивме и конкурсот за прием на нови професионални војници каде што интересот е скоро еден према седум. За едно предвидено место има седум кандидати, што всушност остава можност да се изберат најдобрите. Се разбира дека исто така и за жал, тие кои отпаѓаат се исто така добри, меѓутоа бројката е ограничен на конкурсите. Интересот кој се појавува на тие конкурси е само уште еден од низата на аргументи зошто јас лично не би поддржала враќање на задолжителен воен рок, вели Петровска.
Петровска вели дека се за поздравување резултатите на македонската армија во учеството на меѓународните мисии.
Градењето на капацитетите на македонската армија се случува во континуитет, резултатите кои ги гледаме преку нивното учество и во вежби, меѓутоа и во меѓународни мисии, навистина е за поздравување и сметам дека тој пат треба да го задржиме, изјави министерката.