Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов денеска истакна дека во ситуација кога не’ очекува топло и жешко лето, на ниво на државата моментално има 938 пожарникари, но потребни се уште 670 според информациите од сите територијални противпожарни единици.
Најалармантна, според Ангелов, е состојбата во Пожарна Скопје.
-Апелирам до сите градоначалници да примаат млади луѓе кои што се здрави и можат да одговорат на гаснењето на пожари. Во овој момент просечна старост на пожарникарите е 42,5 години, изјави Ангелов.
Од опрема за гаснење на пожари на ниво на држава, располагаме со 105 цистерни со сопствени пумпи за гаснење на пожари, 33 авто-цистерни, кои носат вода, но немаат сопствени пумпи, понатаму имаме 48 противпожарни теренски возила за гаснење на пожари во шума и непристапни терени, како и 54 класични теренски возила со пумпи, 11 теренски возила, шест командни возила, две возила за превоз на луѓе и опрема и 191 пумпа.
Колку за илустрација, посочи Ангелов, на ниво на држава располагаме со 629 заштитни опреми, што е помалку од бројот на пожарникари.
Ангелов, исто така, повика за разумно користење на воздухопловите за гаснење на пожари, укажувајќи дека сите имаат одреден број на часови на летање, по што мора да поминат сервис и да не се доведе државата во ситуација поради интервенирање за помали пожари, да нема на располагање воздухоплови за гаснење пожари кога тоа ќе биде вистински потребно.