Македонија лек

Наскоро на Онкологија ќе биде достапен лекот палбоциклиб, за две недели ќе биде повикот за лекови за 2026-2027

За онколошките пациенти во моментов недостига само еден лек – палбоциклиб, кој го користат 142 од вкупно 7000 жени пациенти со рак на дојка.

Наскоро на Онкологија ќе биде достапен лекот палбоциклиб, за две недели ќе биде повикот за лекови за 2026-2027

За онколошките пациенти во моментов недостига само еден лек – палбоциклиб, кој го користат 142 од вкупно 7000 жени пациенти со рак на дојка.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски изјави дека наскоро лекот ќе биде достапен и дека количините за 2026 се зголемени за 50 отсто.

На прес-конференција на Клиниката за радиотерапија и онкологија, на која беа соопштени резултати за порастот на животниот век на пациентите со три вида канцер, што се должи на ефикасната терапија и поголем буџет за третман, Клековски рече дека недостигот на палбоциклиб се должи на тоа што во декември 2025 се соочиле со значително зголемена потреба за овој лек (за 142 пациенти), а лани биле планирани количестав за 80 пациенти.

-Кога има значитечно поголем број пациенти од планираниот број не е едноставно да се одговори на потребите, затоа буџетот за 2026 ќе биде зголемен за 50 проценти за два лека во оваа категорија, во која, покрај овој има уште еден лек. Очекуваме за две недели да биде објавен новиот повик за лекови што ќе ги опфати 2026-2027 година, рече Клековски.

Директорот на ФЗО посочи дека оваа година завршува патентната заштита на лекот палбоциклиб и очекува од следната година неговата цена значително да се намалува, но исто така, рече, ќе се воведуваат и нови генерации лекови.

Набргу на Онкологија ќе бидат достапни и тумор-маркери што недостигаат, но Клековски посочи дека не се работи за недостиг во целата државата и дека пациентите може да направат тумор-маркери и во други болници и лаборатории.

Ана Марјановиќ, претседателка на Здружението ХЕМА-ОНКО и онколошки пациент, за медиумите изјави дека се многу задоволни од достапноста и опфатот со лекови и оцени дека оваа година е направен голем исчекор во терапијата за онколошките пациенти.

-Најпосле успеваме да отидеме три чекори напред на Балканот. Со зголемувањето на буџетот за оваа година, за одредени лекови 50 проценти од пациентите, за друг вид лекови 75 проценти успеаја да стигнат до имунолошка и биолошка терапија, што е за поздрав. Тоа го покажуваат и бројките – имаме стабилен број кај ракот на дојка – од 800 до 1000 новодијагностицирани годишно, но бројот на преживеани пациенти се зголемува. Тој скок е особено евидентен во оваа година кога имаме вкупно 7000 пациенти со рак на дојка и се движиме кон тенденцијата во светот – десет години со овие терапии, и во однос на достапноста на терапијата сме фронтранери на Балканот, рече Марјановиќ.

Таа смета дека ќе се појавува недостиг од некој лек зашто однапред е тешко да се предвиди на колкав број пациенти ќе им биде потребен одреден лек во текот на годината. Како што рече, единствен начин за решавање на тој проблем е овие лекови да бидат достапни на позитивните листи, иако, додаде, тоа ќе значи партиципација, а цените на овие лекови се екстремно високи. Марјановиќ посочи и дека во иднина предизвик на кој треба да се работи ќе биде зголемување на капацитетите на Онкологија и функционална дисперзија на онколошките оддели во болниците низ државата.

To top