Преку постојано одржување обуки и други активности за финансиска едукација и зголемување на свесноста на населението за нејзиното значење, Народната банка придонесува кон подигнувањето на нивото на финансиската писменост во земјава. Минатата година со процесот на финансиска едукација беа опфатени 1.644 лица − ученици од основното и средното образование, студенти, деца од предучилишна возраст, ученици со посебни потреби, професори, наставници, како и пензионирани лица, потенцираа во соопштението.
Народната банка настојува едукативните активности да ги опфаќаат потребите на населението и трендовите во финансиите, па оттука минатата година беа објавени две едукативни брошури: „Платежната сметка со основни функции“ и „Безбедност при користењето дигитални финансиски производи и услуги“. Годинава, тимот за финансиска едукација на Народната банка продолжува со амбициозната програма, со тоа што само за време на Глобалната недела на парите беа одржани предавања за околу 200 слушатели. Народната банка од 2013 година постојано придонесува кон јакнење на финансиската писменост во земјава.
Во овој период се изработени голем број едукативни материјали и се одржани 528 поединечни предавања за основното и средното образование, како и 44 поединечни предавања на факултетите, за околу 22.000 лица. Организирани се и голем број настани и јавни настапи за зголемување на свеста за значењето на финансиската писменост на населението за подобар економски напредок, соопштија од Народна банка.
Финансиската писменост во 2022 година беше вклучена во стратегиските цели на Народната банка, а во 2021 беше донесена и првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија. Деловните банки, како и граѓанскиот сектор, исто така, ги зголемуваат своите едукативни активности од година во година што е во прилог на донесената стратегија.
Сите заинтересирани установи за одржување предавања од областа на финансиската едукација може да го пополнат формуларот на интернет-страницата на Народната банка во делот „финансиска едукација“ (https://www.nbrm.mk/baranje-za-e-predavanje-fin-edu.nspx), информираа од банката.