НАУКА ЗА ДЕЦА, Фондација КАНТАРОТ и семејството на нашиот познат спортски коментатор Александар Стиков, ја распишуваат наградата „Колега Стиков“. Оваа година, под мотото „Добриот глас надалеку се слуша“ во име на славниот глас на Стиков, со оваа награда ќе се закити најдобриот млад презентер на научна содржина.
Се повикуваат сите основци да нè восхитат со својот глас и со своите презентерски вештини. Покажете ни колку интересно и оригинално може да звучи презентација на една содржина поврзана со наука и влезете во трката за новата награда за најдобар млад презентер.
Кој може да учествува на повикот?
На повикот можат да учествуваат сите ученици од основните училишта во Македонија.
Што треба да направиш?
Цел: Видео со должина до 5 минути.
Како да стигнете до целта: ВИДЕОПРЕЗЕНТАЦИЈА во која ќе се снимиш како презентираш: 1) твој текст со научна содржина; 2) научен концепт; 3) научен експеримент; 4) приказна за твојот омилен научник; 5) осврт за книга со научна или научно-фантастична содржина; 6) репортажа од научен настан; 7) твоја оригинална замисла за презентација поврзана со наука.
…и испратете ни го видеото на: [email protected] со основни податоци: име и презиме, одделение, училиште, град и телефон за контакт.
Што ќе добие победникот?
Најдобриот презентер ќе биде избран од стручна комисија во која ќе членуваат истакнати новинари и научници. Наградата е во вредност од 500 евра и ќе биде доделена за време на третата конференција „Наука за деца“ (18-19 октомври 2024).
Дополнително, наградениот ќе добие и можност за менторирање од страна на наши врвни новинари. Тој или таа ќе може да се запознае со новинарската работа и да ги продлабочи своите презентерски способности, со тоа што ќе биде вклучен(а) во редакцијата на наш познат медиум.
До кога е рокот за аплицирање?
Повикот за аплицирање за наградата е отворен од 15 јуни до 15 јули, така што твоето видео можеш да ни го испратиш до 15 јули на полноќ.
За Александар Стиков
Александар Стиков (1947-2023) е доајен на македонското спортско новинарство. Како новинар, репортер и уредник, тој целиот свој работен век го помина во Македонското радио. Со својот препознатлив глас ги овековечи најважните спортски настани во македонската и југословенската спортска историја, и со преку 2000 преноси е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на Македонското радио.
Известуваше од седум Олимписки игри, безброј фудбалски натпревари, кошаркарски, ракометни, одбојкарски мечеви, а пренесувал и натпревари во бокс, борење, атлетика, хокеј, кајак, зимски спортови… Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма „Спорт, музика, спорт“. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои и престижниот трофеј за спорт и медиуми од Меѓународниот олимписки комитет во 2004.
https://www.naukazadeca.mk/kolegastikov