По повод 40-дневниот помен на блаженоупокоениот митрополит дебарско-кичевски Тимотеј, денеска во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид со почеток во 8:45 часот ќе се служи Света архијерејска заупокоена литургија.
Како што информираат од Дебарско-кичевската епархија, на литургијата молитвено ќе присуствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, со членовите на Светиот архијерејски синод, под чиноначалство на епископот стобиски г.Јаков.
По литургијата ќе се служи парастос на гробот.
Митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј почина на 25 ноември минатата година по кусо боледување, на 73-годишна возраст.
Беше погребан во јужната апсида на храмот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник.