Македонија Мнистерство за европски прашања

Муртезани на работна средба со главниот советник за надворешна политика во кабинетот на Претседателот на Европскиот совет

На средбата беа разменети мислења за актуелната состојба и динамиката на процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија, како и на пошироките геополитички околности и улогата на политиката на проширување во одржувањето на стабилноста и просперитетот во регионот.

Муртезани на работна средба со главниот советник за надворешна политика во кабинетот на Претседателот на Европскиот совет

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во рамки на работната посета на Брисел, утрово оствари средба со Ана-Марија Бура, главен советник за надворешна политика во кабинетот на Претседателот на Европскиот совет, задолжена за координација на надворешните политики и агендата за надворешни работи на ЕУ. На средбата беа разменети мислења за актуелната состојба и динамиката на процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија, како и на пошироките геополитички околности и улогата на политиката на проширување во одржувањето на стабилноста и просперитетот во регионот.

Министерот Муртезани ја истакна заложбата на Владата за целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, вклучително и во контекст на руската воена агресија врз Украина, како потврда на стратешката определба на земјата за членство во ЕУ и нејзината улога како доверлив партнер. Тој се осврна и на напредокот во реализацијата на Реформската агенда и Планот за раст, како и на имплементацијата на патоказите за јавна администрација, владеење на правото, малцинства и странски инвестиции, кои претставуваат основа за продолжување на пристапниот процес и искористување на финансиските инструменти на Унијата.

Бура го поздрави напредокот на Македонија во исполнувањето на обврските од процесот на пристапување и беше изразена подготвеност за натамошна поддршка од страна на институциите на ЕУ во спроведувањето на реформите и користењето на можностите што ги нуди новиот План за раст за Западен Балкан. Двете страни се согласија дека континуираниот политички дијалог и конструктивниот пристап се клучни за одржување на позитивната динамика и за забрзување на европската интеграција на Македонија.

To top